Наместо да паѓаат, цените на вакцините растат иако производителите го зголемија капацитетот и го диверзифицираа производството. Ова првенствено се однесува на „Фајзер“ и „Модерна“.
Компанијата „Модерна“ во четвртокот објави дека нејзината вакцина против ковид-19, шест месеци по втората доза, е околу 93 проценти ефикасна. Податоците по шест месеци, исто така, покажуваат дека вакцината на „Модерна“ сѐ уште обезбедува заштита од тешки форми на болеста во 98 отсто од случаите, а исто така била 100 отсто ефикасна во спречувањето смртни случаи.
Сепак, „Модерна“ проценува дека пред зимската сезона ќе биде неопходна трета т.н засилувачка или „бустер доза“, бидејќи се очекува дека количината на антитела кај вакцинираните сепак ќе се намали.
Податоците на „Модерна“ се малку подобри од податоците за вакцината на компаниите „Бионтек“ и „Фајзер“, објавени една недела порано. Ефикасноста на нивната вакцина се намалува за околу шест проценти на секои два месеци, а по половина година од втората доза беше околу 84 проценти.
Дозите на двата вида вакцини се слични, но не идентични. На „Модерна“ содржат 100 микрограми вакцина, а на „Фајзер“ 30 микрограми.
– Нашата вакцина против ковид-19 покажува трајна ефикасност од 93 отсто по шест месеци, но забележуваме дека делта-сојот е нова и значајна закана и мора да бидеме внимателни – рече еден претставник на „Модерна“.
Компанијата наведува дека во новите испитувања, три различни кандидати за третата доза предизвикале силна реакција на антитела на неколку варијанти на вирусот, вклучувајќи ги и типовите гама, бета и делта.
За трета доза се залагаат и во „Фајзер“ и имаат намера да побараат одобрување за тоа на крајот на овој месец. Некои земји, како што се Израел и Германија, започнаа или планираат да почнат да даваат трети дози на стари лица или особено ранливи.