Комисијата, пак, се очекува неколку дена пред 20 јануари, односно пред крајот на распустот на учениците да заседава и да ја донесе одлуката
Сè уште е неизвесно дали и како ќе стартува второто полугодие од учебната година. Состојбата со новозаразени расте, а во игра се три сценарија како да се одвива наставата за учениците.
Едното е таа да продолжи како и до сега, другото е одложување на почетокот на полугодието за две недели и третото е враќање во игра на онлајн наставата.
Министерството за образование ќе ја чека препораката на Комисијата за заразни болести за тоа кога и како ќе почне второто полугодие за учениците од основното и средното образование. Комисијата, пак, се очекува да одлучува неколку дена пред 20 јануари, односно пред крајот на распустот на учениците.
Своите предлози Комисијата ќе ги заснова врз основа на моменталната епидемиолошка состојба со ковид-19.
Пред неколку дена Министерството за здравство ја информираше јавноста дека членовите на Комисијата за заразни болести дискутираа за повеќе предлог мерки, за кои дополнително ќе се донесат одлуки и заклучоци.
– Комисијата за заразни болести ја разгледувала и евентуалната можност за промена на почетокот на второто полугодие од учебната 2021/2022 година. Одлуката по овој предлог ќе биде донесена непосредно пред почетокот на второто полугодие, бидејќи клучно ќе биде каква е епидемилошката состојба во државата. Одлуката за почетокот на второто полугодие од учебната година ќе биде усогласена и со Министерството за образование и наука – посочуваат од ресорното министерство.
Зголемувањето на бројот на нови случаи на ковид-19 и ширењето на омикрон-сојот предизвикаа загриженост кај дел од родителите, па бараат онлајн настава во второто полугодие од учебната година. Меѓу родителите има поделени мислења за тоа како треба да се одвива наставата, дали онлајн или со физичко присуство, дали треба да се одложи второто полугодие. Некои сметаат дека децата не само што треба да одат на училиште, туку и не треба да носат заштитни маски, други пак дека спас за сите е учење на далечина.