Фото: Игор Бансколиев / Илустрација

Од Владата се оптимисти дека идната недела ќе се забележат резултатите од мерките што ги преземаа за да им помогнат на производителите и трговците. Граѓаните, пак, се лути и обвинуваат за профитерство

Владин оптимизам и трговски ветувања – граѓаните лути

Да купам торта за роденден или килограм кашкавал? Ваквите шеги сè уште се актуелни и имаат смисла, зашто и по повеќето најави и од власта и од производителите и трговците, цените на основните прехранбени продукти никако да паднат. Намалени се некои видови масла за јадење во одредени маркети, неколку типа леб. Oстанатите производи остануваат со високи цени како што беа, а на некои дури и се зголемуваат. Од Владата се оптимисти дека идната недела ќе се забележат резултатите од мерките што ги преземаа за да им помогнат на производителите и трговците. Граѓаните, пак, се лути и обвинуваат за профитерство.

Повеќе од десет дена 187 компании од прехранбената индустрија произведуваат производи користејќи струја со повластена цена. Оваа мерка Владата ја најави како нешто што ќе ги намали екстремно покачените цени на прехраната. И инспекциите покажале дека во првата недела од мерката, таа не носи резултати. Производителите се правдаат дека овие производи се направени од суровини, кои се набавени пред 1 декември и мерката за повластена струја, па затоа цените сѐ уште не се намалени.

Залихите се изговор, премногу им се дозволува

– Аргументот што го користат производителите е за залихите. Сите велат дека за еден месец ќе им се потрошеле залихите. Тоа не држи како аргумент зашто е неможно сите фирми за сите прозиводи да имаат залиха за еден месец. Тој аргумент е изговор за да се искористи што е можно повеќе профит. Не може за сите производи да има униформен стандард кога им завршуваат залихите. Гледам преголемо попуштање на власта во однос на капиталистите. Ако државата субвенционира, таа ги утврдува правилата. Ако тие барале субвенции, власта морала да знае дали ќе важи намалувањето од први ноември или први декември. Власта кажа првично дека од први ноември ќе се намалат. Сега ќе испадне дека залихите не им се потрошени до први јануари – вели Здравко Савевски, доктор на политички науки, синдикалец и активист.

Здравко Савески/ Фото: Архива

Владата, објаснува тој, преголема слобода им дава на капиталистите, а тие пари со кои се субвенционирани се од наши даноци.

-И секогаш е така, тој што дава субвенции ги утврдува правилата. Оваа извртена логика кај нас има друга цел, а тоа е остварување профит на туѓа мака – додава Савевски.

Профитираат врз грбот на потрошувачите?

Во одредени маркети цената на зејтинот падна во однос на септември, кога просечната цена му беше 130 денари. Цената на брашното, пак, се движи по нагорна линија, па ако во септември за килограм брашно граѓаните требаше да одвојат 36 денари, сега тоа изнесува 42 денари. За кило мелено месо треба да се одвојат најмалку околу 350 денари, што е исто поскапување во однос на септември кога цената за килограм изнесуваше од 250 до 340 денари. Цената на свинското и говедското месо од прилика е иста како минатите месеци, па за килограм свинско граѓаните треба да издвојат од 350 денари до 600 денари.

-Ги споредував цените од јуни лани и денес во иста продавница од ист производител. Така, кило месо од свинска плешка е покачено за 62 проценти, од свински ребра за 64 проценти, од бут за 60 отсто. Кашкавалот „едамер“ е со цена повисока за 233 проценти, а мешаното сирење за 90 отсто. Добија производителите владина помош, колку и да поскапе се она што го користат во производство, мене ова ми личи на воено профитерство – вели Марјан Стојановски од Скопје.

Не може сите исто да поевтинат

Ангел Димитров од Организација на работодавачите на Македонија вели дека очекувањата ги поматила несреќна изјава со која се кажа дека кога одредени производители ќе влезат на регулираниот пазар на струја цените ќе паднат за 10 проценти.

Ангел Димитров / Фото: Приватна архива

-И фирмите имаат образложение. Колку ќе паднат цените зависи од тоа колкав процент зазема енергенсот во нејзиното формирање. Ако е голем уделот, помало е намалувањето.  Работата е да се почитуваат законите кои се донесени, а овде се работи за договор меѓу Владата и бизнисот. Тие наеднаш излегоа со несреќна изјава дека ако влезат на регулиран пазар за 10 отсто ќе се намалат цените. Не може да кажеш фиксен износ и тоа да биде во ред. Мислам дека и тоа влијае на незадоволството – вели Димитров.

Бектеши оптимист

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера изјави дека цените на основните прехранбени производи ќе почнат да се намалуваат од следната недела, кога ќе бидат потрошени залихите што ги имаат во магацините и кои што се набавени по поскапа цена.

Фото: Влада

-Во нивните магацини имаа залихи на производи и домашни производи кои користат дистрибутер и производи кои се увезуваат во нашата држава. Тие залихи се набавени со различни цени. Новите залихи се набавуваат со други цени кои се пониски од претходните, што значи дека претходните залихи треба да се потрошат. Најверојатно ќе се потрошат оваа недела или на почеток на наредната недела, по што ќе се забележи дека ќе има намалување на цените на тие производи во синџирите на супермаркетите – изјави Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој повтори дека очекуваат намалување на цените од 7 до 12 отсто, но додаде дека тоа не е возможно да се случи моментално.

Биљана Стојановска / Наташа Бошковска-Златкова