Вкупната плата има и додатоци на основната. Така, се пресметува за минат труд, се добива додаток за одделенско раководство, има наставници кои добиваат додаток за работа со комбинирани паралелки или во тешки услови. Генерално, на овие со поголем работен стаж платата ќе надминува 30.000 денари
Зголемување на платите за 15 проценти од септември и да не се кратат платите за периодот додека траеше штрајкот, е епилогот од преговорите што Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука (МОН) ги водеа во изминатите дваесетина дена со посредство на медијатор. Препораките на медијаторот ќе бидат разгледани од членството на СОНК по што во рок од 10 дена се очекува да биде потпишана спогодба меѓу синдикатот и МОН. Колкави плати би земале наставниците, воспитувачите и негувателите од септември доколку го прифатат покачувањето за 15 проценти.
Зголемувањето, како што објаснува Јаким Неделков, претседател на СОНК, е договорено да биде на основната плата. Во основно образование, основната плата на наставниците, вели тој, е околу 24.700 денари. Со зголемувањето ќе стаса на околу 28.400 денари. Професорите во средните училишта добиваат основна плата од околу 25.800 денари, која со покачувањето би била 29.670 денари.
-Вкупната плата има и додатоци на основната. Така, се пресметува за минат труд (кој е околу 10 проценти за 20 години работа), се добива додаток за одделенско раководство од околу 1.200 денари, има наставници кои добиваат додаток за работа со комбинирани паралелки или во тешки услови. Генерално, на овие со поголем работен стаж платата ќе надминува 30.000 денари – објасни Неделков.
Осницата на платата за воспитувач во градинка, како што објасни, ќе би се зголемила од 25.000 на околу 28.700 денари, додека на негувателките од 18.700 на 21.505 денари.
-Тие од додатоци добиваат за минат труд па и тој ќе влезе во вкупната сума – појасни претседаателот на СОНК.
Штрајкот во градинките и училиштата почна на 11 април со барање за зголемување на платите од 18,4 проценти. На СОНК му беше понудено зголемување на платите од 10, а потоа и за 12 проценти, но ваквите предлози беа одбиени од членството. На 28 април, штрајкот беше ставен во мирување откако Синдикатот доби известување од Министерството за труд и социјална политика дека МОН бара мирно решавање на работниот спор со посредство на медијатор. По назначувањето на медијаторот почна процесот на помирување, кој на истекот на законски утврдениот рок од 20 дена вчера заврши со усогласување на ставовите на двете страни.