Соединетите Американски Држави имаат разузнавачки информации кои ја потврдуваат одговорноста на Исламската држава Ирак и Левант (ИСИЛ) за смртоносното пукање на концерт во близина на Москва, изјавија двајца американски официјални лица, пренесе „Хина“.
Официјални лица, исто така, рекоа дека САД ја предупредиле Русија во последните недели за можноста од напад.
– Порано овој месец, американската влада имаше информации за планиран терористички напад во Москва, кој би можел да има за цел големи собири, вклучително и концерти, што го натера Стејт департментот да издаде јавно предупредување до Американците во Русија – рече портпаролката на Советот за национална безбедност на Белата куќа Адриен Вотсон.
– Американската влада, исто така, ја сподели оваа информација со руските власти во согласност со нејзината долгогодишна политика „должност да предупредува“ – рече таа.
Повеќе од 60 луѓе беа убиени, а 145 ранети во синоќешниот напад кога маскирани вооружени лица отворија оган со автоматско оружје врз посетителите на концертот во близина на Москва, што претставува еден од најсмртоносните напади врз Русија во последните децении.
ИДИЛ, вооружена група која некогаш контролираше делови од Ирак и Сирија, ја презеде одговорноста за нападот, објави агенцијата на групата Амак на „Телеграм“.
Американската амбасада во Русија на 8 март предупреди дека „екстремистите“ имаат непосредни планови за напад на Москва, неколку часа откако руските безбедносни служби соопштија дека спречиле планирано пукање во синагога од страна на ќелија на ИСИЛ.
Амбасадата, која постојано ги повикува сите граѓани на САД веднаш да ја напуштат Русија, не ја објасни природата на заканата, но рече дека луѓето треба да избегнуваат концерти и гужви и да бидат свесни за нивната околина.
Вооружените напаѓачи кои го извршија нападот на московскиот „Крокус Сити Хол“ побегнале од местото на нападот со бел автомобил „Рено“, јавува руската новинска агенција „РИА Новости“, која објави фотографија од возилото.
Рускиот истражен комитет соопшти дека работи со истражители, криминолозите и специјализираните единици на Министерството за внатрешни работи и Федералната служба за безбедност (ФСБ) за да се спроведе истрага на лице место.
Соопштено е дека од местото на настанот заплениле оружје и муниција и ги проучуваат снимките од безбедносните камери.