фото: Маја Јаневска-Илиева

Првичните резултати од денешните парламентарни избори што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница, покажуваат дека од обработени 21 отсто од избирачките места, коалицијата „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ има освоено 47.196 (33,19%), Европски фронт на ДУИ 33.284 (23,41%), Коалицијата од албанскиот опозициски блок „Вреди“ 27.792 (19,55%), а Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ 15.908 (11,19%).

Лавица има 7.228 (5,08%), Движење ЗНАМ – За наша Македонија 5164 (3,63%). Останатите партии и коалиции кои учествуваа на изборите имаа под еден процент гласови.

Право на глас на парламентарните избори имаа 1.815.350 граѓани запишани во избирачкиот список.

Се гласаше согласно пропорционалниот модел во шест изборни единици. Гласање за парламентарните избори во дијаспората не се спроведе бидејќи немаше доволен број пријавени наши државјани.

Во Првата изборна единица има 313.183 гласачи, во Втората 321.087, во Третата 275.034, во Четвртата 278.721, во Петата 310.216 и во Шестата изборна единица 317.109 гласачи.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Ова се 11-ти парламентарни избори од независноста на државата.

Првичните резултати од денешниот втор круг претседателски избори што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница, покажуваат дека од обработени речиси 17 отсто од гласачките ливчиња, води кандидаткта на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 61,98 отсто од гласовите, а Стево Пендаровски од СДСМ има 30,48 проценти.

За претседател во вториот круг на гласање ќе биде избран кандидатот кој ќе добие мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излезат повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, како што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски вечерва изјави дека според податоците пристигнати до 18:30 часот, одѕивот на изборите за шеф на државата бил 46,34 проценти.

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.