Фото: пиксабеј

Руското Министерство за дигитален развој им забрани на вработените да користат „Ајфон“ и „Ајпад“ на „Епл“ за работа, објави новинската агенција „Интерфакс“, повикувајќи се на министерот Максут Шадаев.

– Воведена е забрана за користење на мобилни уреди на „Епл“ – паметни телефони и таблети – за пристап до работни апликации и размена на деловни електронски пораки – изјави Шадеаев на новинарите на дигитална конференција, пренесе „Ројтерс“.

– Дозволено е користење на „Ајфон“ за лични потреби – додаде тој.

Министерството ја издаде забраната два месеци по тврдењата на главната руска безбедносна служба ФСБ дека неколку илјади уреди на „Епл“ биле компромитирани како резултат на американска шпионска операција.

Американската агенција за национална безбедност, за која ФСБ рече дека соработува со „Епл“, одби да ги коментира тврдењата.