Фото: Фејсбук / Студентски отпор

Од „Студентски отпор“ младинско движење на студентите од Македонија, велат дека МОН се обидува да го укине студентскиот субвенциониран оброк. Тие сметаат дека согласно инфлацијата 140 денари дневно е мала сума за еден квалитетен оброк. Како што додаваат нефункционалноста, нерационалноста, неодговорноста и негрижата за студентите очигледно преминале во пракса.

– Како движење „Студентски Отпор“ кое е секогаш на страната на студентите не се согласуваме со новиот начин на исплата на субвенционираниот студентски оброк поради неколку причини:На еден месец пред почетокот на академската година, се уште не е утврдено на кој начин, на кои места и во кое време ќе може да се користат средствата? Како што и претходно баравме, така и овој пат, сметаме дека согласно инфлацијата 140 денари дневно е мала сума за еден квалитетен оброк. Според предвиденото оброкот ќе може да го користиме само со картичка, а голем дел од угостителските објекти кои се наоѓаат во близина на кампусот на УКИМ не поседуваат терминали за плаќање со картички. Водени од искуството од претходните години каде што МОН доцнеа на месечно ниво со исплата на средствата, имаме сомнежи дека сега ќе успеат на дневно ниво да ги испраќаат средствата – велат од „Студентски отпор“.

Нивното барање е средствата да се испраќаат на неделно или месечно ниво.

– Не се согласуваме со одлуката средствата да не можат да се искористат следниот ден ако не се искористени истиот ден кога се префрлени. Кога веќе се одвојуваат средства зошто тие да се враќаат назад? Нефункционалноста, нерационалноста, неодговорноста и негрижата за студентите очигледно преминаа во пракса и навика од страна на Министерството за Образование и Наука – додаваат оттаму.

Како што истакнуваат, „Студентски Отпор“ се залага за подобар студентски стандард и будно ќе ја следи ситуацијата во периодот кој следи.