Фото: Маја Јаневска Илиева

Програмата за посетата потоа предвидува пленарен состанок на двете делегации со кој ќе претседаваат премиерите Ковачевски и Петков после што ќе следува и нивна заедничка прес-конференција

Новиот бугарски премиер Кирил Петков пристигна во Скопје и се сретна со новиот македонски премиер Димитар Ковачевски.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Пред објектот на владата, бугарскиот премиер беше свечено пречекан, со високи државни почести.

Фото: Маја Јаневска Илиева

Посетата, како што претходно соопшти службата за информирање на бугарската влада, е по повод 30-годишнината од признавањето од Бугарија на независноста на Република Северна Македонија.
Во Скопје Петков е придружуван од министрите за надворешни работи и за транспорт Теодора Генчовска и Николај Шабев.

Во соопштението се наведува дека посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи и ќе ги означи следните чекори што ќе ги преземат двете влади за решавање на отворените прашања меѓу двата соседа.

Претходно, министерот за надворешни работи, Бујар Османи ја пречека владината делегација на Република Бугарија предводена од премиерот Петков на меѓународниот аеродром Скопје.

Фото: Влада

Според агендата за посетата, премиерите Ковачевски и Петков ќе имаат тет-а-тет средба, а одделни средби ќе имаат и вицепремиерот Бојан Маричиќ со потпретседателот на бугарското Народно Собрание, Кристиан Вигенин, министрите за надворешни работи на двете држави, Бујар Османи и Теодора Генчовска, како и министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев.

Програмата за посетата потоа предвидува пленарен состанок на двете делегации со кој ќе претседаваат премиерите Ковачевски и Петков после што ќе следува и нивна заедничка прес-конференција.

Премиерите Ковачевски и Петков, потоа, во Клубот на пратениците, официјално ќе го промовираат проектот за помош во развојот „Електронски дневник за лица со дијабетес“, кој премиерот Петков ќе му го врачи на премиерот Ковачевски како донација на Република Бугарија.

Во преостанатиот дел од агендата за посетата на делегацијата на Република Бугарија, премиерот Петков ќе има одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

Официјалната посета е предвидено да заврши во вечерните часови после што владината делегација на Република Бугарија ќе замине за меѓународниот аеродром Скопје на лет за Софија.