За новиот западен соцреализам

Зборот „пес“ не лае (Жерар Женет)

Некои мои пријатели-новинари, кои ги почитувам во еснафот, иако не секогаш се согласувам со нив, неколкупати дискретно ми ставаат до знаење дека сите ние, кои чувствуваме угроза на националниот и културниот идентитет предизвикана од невнимателното владеење со премногу скапи отстапки за да се стигне до Европа, претеруваме. Аргументите на моите пријатели се: па каде тоа тебе ти е одземено правото да пишуваш и говориш на македонски јазик? На забелешката дека веќе и на Википедија ме пишуваат како „северномакедонски писател“, велат дека голема придобивка е што воопшто сме го задржале и она „македонски“. И дека јазикот си постои, без разлика како го викаат. Не можам да им објаснам дека тоа што ни е „оставен“ (бар засега) македонскиот јазик за употреба (дома и по институциите) е наивно и површно гледање на прашањето за идентитетот. Идентитетот не е само во „лингвистичката дозвола“. Тој е и во уметничките жанрови и нивната слобода, зашто ние, писателите, имаме најмалку два јазика во употреба кога пишуваме дела: едниот е јазикот на кој пишуваме (притоа, можеме да напишеме генијални дела и на друг јазик, за што пример е Прличевиот „О арматолос“, напишан на грчки). Вториот е јазикот на уметноста: тематскиот регистар („содржина“), но и јазикот на уметничките жанрови и видови („форма“), и ако тука слободата е загрозена, загрозен е идентитетот на авторот. И уште: јазикот постои само на одредена тема. Ако темата е забранета, не постои ни јазикот. Забранети теми – тоталитаризам. Пожелни теми – соцреализам. Ако некоја тема е премолчено „забранета“, тури ѝ пепел на уметноста. Па уште ако забранетата тема се однесува на националниот опстанок – пиши му крст и на идентитетот. Еве пример.

Кога почина Петре М. Андреевски, двајца од неговите најблиски пријатели во последните години од неговиот живот, едниот негов издавач (Цветан Враживирски), а другиот љубител и огнен покровител на уметноста (господинот Илија Илоски од Комерцијална банка), ми покажаа нешто фасцинантно: започнат, а недовршен роман од нашиот гениј. Насловот беше „Бежанци“: темата беше прогонството на Македонците од Егејот. Ме прашаа дали можам да го погледнам ракописот и да проценам дали романот може да се заврши. Се сетив тогаш дека Хрватите распишаа конкурс за да се заврши епот „Осман“ на Иван Гундулиќ; и го заврши, лично Иван Мажураниќ. Тоа се култури што имаат почит кон традицијата. Го погледнав ракописот, но, за жал, се соочив со, за мене, многу добро позната писателска „криптографија“: кратки шифрирани белешки што имаат значење за писателот, додека работи на романот, и кои само тој ги разбира. Сижето се наѕираше (впрочем и историската рамка ни е позната – станува збор за една од најголемите трагедии на македонскиот народ), а клучно јадро во приказната беше оној добропознат Петреандреевски трагичен избор: постоеше лик на мајка што бега и мора да остави едно дете затоа што е болно и ќе го отежнува бегството… Да жртвуваш едно, за да спасиш друго дете! Но не можеше да се насети што натаму ќе се случи во „камерната“ приказна, вградена во макроприказната на историјата. Дадоа идеја јас да го завршам романот. Им реков да ми дадат време да размислам. И до денес размислувам. Но сега веќе не можам да го напишам романот, дури и да сакам. Од политички причини. Таа историја е „под преиспитување“.
По Преспанскиот договор, нашите политички цензори во уметноста и културата будно внимаваат ни прашинка да не падне врз нашите „браќа Грци“. И не е пожелно баш многу да се „чепка“ во незгодните рани на историјата. Треба да се заборави егејската голгота. И да постоела, пожелно е да не постои веќе, дури ни како уметничка транспозиција. Па малку ли други теми има? „Зошто не пишуваш за македонско-албанскиот соживот, за правата на ЛГБТ, за европската светла иднина, што си се фатил за историјата, кога тоа никого веќе и не го интересира?“ Тоа е поттекстот на моите пријатели, загрижени за иднината на мојата уметност. Но ги прашувам: зар тоа (особено поделбата на „пожелни“ и „непожелни“ теми) не е Сталинов соцреализам? Овој пат од западен, а не од источен происход?

Втор пример (за „забранетите“ теми): уште во времето на ВМРО, една прекрасна филмска екипа (јас бев само една алка) се носеше со идеја да сними филм за цар Самуил. Ама не за неговите историски подвизи и падот во слепило, зашто тоа сите го знаат од историјата. Нас нѐ интересираше ДИКТАТОРОТ Самуил, ама не во општеството, туку во неговата дневна соба. Каков бил тој дома? Колку ги унесреќил своите деца со династички бракови? ВМРО го одобри проектот и добивме средства, ама потоа почна да го кочи. А кога дојде СДСМ на власт, одеднаш, добиените средства за снимање – ни беа одземени со кратко и формално известување дека проектот се стопира. Пред прва клапа? Филмот никогаш не се сними, а ние, бидејќи како уметници имаме „доцно палење“, сфативме што била причината дури кога се случи ова „пеглање на историјата“ со Бугарија. Не можеш да снимаш историски филм (иако нашиот беше психолошка драма за еден историски лик), пред да имаш напишано историја. И гледам, пред некоја седмица, историската комисија запнала баш на цар Самуил. Ако го решат тоа, пак ќе го пријавиме филмот. Само да видиме од каде да бараме средства: од Македонија или од Бугарија. Зависи каде „ќе падне“ Самуил во историско-делбената постапка на сопружници во развод (а наводно во пријателство).
Но да ги видиме и жанровите (иако тие се тесно поврзани со темите). Сатира? Критика на власта? Нушиќ? Нема шанси! Тогаш – „надворешна“ сатира, критика на современиот „прекрасен“ свет?! Да не си поулавел, Андоновски? Да се потсмеваме со Европа, а чекаме прием? Ма каква сатира, дури ни лесна и бенигна комедија не доаѓа предвид! Па зар не ти дојде умот: твојот Драмски, во кој петнаесет години се бараше билет повеќе за твоите претстави, не ти ја постави комедијата со наслов „Последната смрт на Кузман Капидан“. Не чепкај таму, што умираш веќе умрени луѓе што се бореле со пљачкаши? Што се мајтапиш со Европа, па сликаш некои бизнисмени што демек дошле во Македонија да се збогатат, па Кузман станува од гробот и против нив. И замолчи веќе. Ако сакаш иднина.

Но уметноста не молчи. Таа е секогаш дисидентска: не само политички туку и еротски, психолошки, морално е дисидентска. Неа ја интересира забраната. И затоа си има проблем со власта.
Драги мои пријатели, дали ви е појасно сега за што зборувам кога зборувам за нарушен идентитет на Македонецот и на македонскиот уметник? Јазикот сам по себе не зборува; тој, за да биде идентитет, мора да има своја тема. Ако ја нема темата – како да го нема ни јазикот. Тогаш тој се претвора во куп графеми, запирки, точки, бесмислени реченици. За тоа говорам. Па вие проценете дали претерувам.