Фото: Твитер

Илон Маск, најбогатиот човек на светот, во вчерашното интервју за „Фајненшал тајмс“ предлага Тајван да стане специјална административна зона на Кина, објавија светските новински агенции и престижните светски медииуми.

„Моја препорака би била да се најде посебна административна зона за Тајван која е разумна, веројатно нема да ги направи сите среќни. И можно е, и мислам дека веројатно, всушност, тие би можеле да имаат договор кој е поблаг отколку со Хонг Конг“, пренесе „Гардијан“.

Маск го кажува ова одговарајќи на новинарско прашање поврзано со Кина, каде што неговата компанија за електрични автомобили „Тесла“ управува со голема фабрика во Шангај.

Пекинг предводен од кинеската комунистичка партија тврди дека има суверенитет над Тајван. Кина и Тајван се поделени од крајот на граѓанската војна во Кина во 1949 година, а Тајван постојано добива поддршка од САД за негова независност од Кина.

Маск, Јужноафриканец со американско државјанство, според Форбс е најбогат човек на светот со богатство вредно 219 милијарди долари. Тој неодамна коментираше и за состојбата во Украина, предлагајќи Украина да и го отстапи Крим на Русија, со што предизвика критики од Украина.