Фото: Игор Бансколиев

Трговци со струја и енергетска мафија го кочат процесот, домаќинства и компании сами да си произведуваат струја. Тоа е таа монополска позиција, обид на поединци да се заработува што повеќе и на подолг период за сметка на другите. Ваков сомнеж, во изјава за МИА, изрази Марјан Ненов, електроинженер, сертифициран енергетски менаџер и иноватор, чија сфера на интерес е сончевата енергија и нејзиното подобро искористување.

Со него разговаравме на темата за фотоволтаици што е актуелна во моментов, со оглед на енергетската криза што му се заканува на светот и за зголемувањето на сметките за користење на електрична енергија.

– Кога станува збор за фотоволтаиците, постои можност домаќинства и компании да произведуваат струја само за сопствени потреби, но и за продажба на вишокот струја во мрежата на електроенергетскиот систем. Во вториот случај, домаќинствата можат да произведуваат до шест киловати, а компаниите до 40 киловати. Има можност и за производство и продажба на над 40 киловати од страна на компании, но тие треба да имаат и посебна лиценца од Регулаторната комисија за енергетика. Не е проблем за пари, луѓето сакаат да инсталираат фотоволтаици и да ги намалат сметките за струја, да дејстуваат еколошки и да помогнат колку што можат и да дадат свој придонес во надминувањето на енергетската криза, но се жалат дека процедурата е бавна и комплицирана. Треба малку повеќе да се чуе гласот на незадоволните. Со ваков раст на цената на струјата, вложените пари за инсталирање на фотоволтаична опрема ќе се вратат за пократок период. Но, бидејќи сите овие елаборати коштаат, тие ја зголемуваат цената на овие системи, а со тоа и времетраењето на поврат на инвестицијата – категоричен беше тој.

Ненов појасни и за обновливите извори на енергија, како ветер, вода, за тоа како подобро да се искористи сончевата енергија, за да се намали енергетската зависност. Не заборави да нагласи дека кога се во прашање општините од Вардарски плански регион, станува збор за една од најпрекрасните локации за производство на струја од фотоволтаици. Рече дека водата од Тимјаничка река која минува низ Неготино, може да се искористи за повеќе мали проточни хидроцентрали од кои со струја ќе се обезбедува дел од осветлувањето на градот или работа на општинската зграда.

Се осврна и на биомасата и биогасот, нагласи дека регионот располага со биомаса од лозовите насади, која би можела да ,,храни” една централа, што би покрила дел од потребите за електрична енергија во градот. Ја спомена и геотермалната енергија, кога се користи температурата на земјата. Тој беше дециден дека сите други видови обновливи извори на енергија, зависат од сонцето, а ние за среќа имаме изобилство од сончеви денови.

Претседателката на Советот на општина Неготино, Роза Јаневска, во изјава за МИА, се согласи дека излезот од енергетската криза е во обновливите извори на енергија.

– Сведоци сме дека во минатото многу се зборуваше за обновливи извори на енергија  и енергетска ефикасност, но некако беше повеќе теоретски. Но, последниов период сепак има конкретни активности на оваа тема. Јас лично сметам дека тоа е иднината. Ние како Совет и Општината, свесни сме дека иднината е во обновливите извори на енергија и дека ова е многу значајна тема за нас. Правиме заложби и активности, да помогнеме во делот на потенцијални инвеститори во фотоволтаици, институциите да станат енергетско ефикасни, да се заштеди во услови на енергетска криза. Сето тоа позитивно би влијаело економски, но и по нашата околина. Посебно е за поздравување можноста и домаќинствата самите да инсталираат фотоволтаици. Ние како локална власт треба да разгледаме можности и тука да направиме некоја стимулација, за добробит на сите, – децидна беше Јаневска.

Потенцијалите или многу малку, или воопшто неискористени

Ванчо Петров, од заедничкото одделение за енергетска ефикасност на општините од  Вардарски плански регион, исто така го нагласи богатството од сончева енергија. Со него разговаравме за активностите во локалните самоуправи на овој план. Тој информираше дека одделението е формирано во 2013 година. Меѓу другото, имало задача да ја следи и потрошувачката на енергија, енергенси, финансии издвоени за нив, да препорачува мерки и презема чекори за намалување на нивната потрошувачка, а со тоа и на паричните средства. Крајниот бенефит, покрај тоа намалување, рече, е и заштитата на животната средина.

-Ние како одделение сме изработувачи на тригодишните програми за енергетска ефикасност на општините од регионот, во соработка со локалните самоуправи. Предлагаме мерки за намалување на потрошувачката на енергија, енергенси и финансиски средства. Како и целата држава, сите општини од регионот имаат голем потенцијал за искористување на сончевата енергија.  Одреден број од општините во Вардарски плански регион располагаат со поголем потенцијал на водна енергија, хидроенергија. Некои, како на пример Лозово и Свети Николе, имаат повеќе  ветерна енергија. Други, како, Неготино, Кавадарци, Демир Капија и Росоман, располагаат и со биомаса. Гледано во целина, сите овие потенцијали на обновливи извори на енергија, или се многу малку искористени, или воопшто не се искористени. Не само оваа енергетска криза што е многу актуелна, заштитата на животната средина што кај нас е цел на енергетската ефикасност, е исто така многу битно нешто  на кое постојано треба да му се посветува внимание – дециден беше тој.

Засега, во Вардарски регион, сончевата енергија најмногу се користела преку домаќинствата што имаат инсталирано соларни колектори за санитарно топла вода.

-Вакви колектори, имаат инсталирано 80 до 90 проценти од домаќинствата во Неготино. Во Кавадарци пак, релативно добро е искористен потенцијалот на водната енергија, хидроенергијата. На водоводниот систем ,„Лукар” и системот ,,Бошава”, има изградено мали хидроцентрали. На десет кавадаречки општински објекти, се поставени фотоволтаици за производство на електрична енергија за сопствени потреби. Општина Неготино е во фаза на почеток за изработка на проекти за поставување на фотоволтаици за сопствени потреби. Релативно малите општини од регионот имаат многу малку искористен потенцијал од обновливи извори на енергија за сопствени потреби – појасни Петров.

 

Едвард Софески, овластен претставник од Стопанска комора на мал бизнис, во изјава за МИА нагласи дека локалните самоуправи, можат да дадат поддршка при добивање на одредени административни дозволи од Општината, кога станува збор за фотоволтаиците.

-Ние како стручни лица можеме да помогнеме подобро да се обучат луѓето, за процедурата да биде побрза и полесна. Општински се  работи на планови за енергетска ефикасност, тешко се реализираат, бидејќи нема пари. И во тој дел како комора ја следиме состојбата. Од друга страна, здружението што го имаме формирано на граѓански организации, ги следи сите можни извори од странски фондации и прва прилика како ќе има можности, ќе алармираме и ќе дадеме информации, каде може заеднички да се аплицира, тоа го практикуваат општините и во тој дел може да се соработува. Во комората имаме едно здружение на енергетски менаџери кое функционира неколку години. Се работи за 70 активни менаџери, обучени и сертифицирани преку германска програма за обука. Имаме капацитет за проектирање и изведба на такви проекти. Секогаш, финансиите се најголем проблем – смета Софески.

Процедурите навреме ги реализираме, велат општинарите и ЕВН

Во врска со ова истражување за фотоволтаиците, МИА се обрати и во неготинската локална самоуправа.

– Согласно утврдената постапка, најпрво барателот независно дали е домаќинство или компанија, треба да има обезбедено основен проект со ревизија. Според слободни проценки на стручните служби, самиот проект чини околу 520 евра кои треба да се уплатат на сметката на општина Неготино, плус трошоците за фазите-градежништво, електрика, архитектура. Од општина Неготино се издава дозвола за поставување на фотоволтаици, со предходно обезбеден документ за статика на покривот (кровната конструкција), издаден од лиценцирана фирма. Надвор од ингеренциите на општината, заинтересираните треба да склучат договор со ЕВН и двонасочно броило, како и опрема за производство (фотоволтаични панели, инвертер, автоматика и друго), стои во пишаниот одговор, доставен од портпаролот на општината Неготино, Методи Митрев.

 

Заради објективно информирање на јавноста, МИА испрати неколку прашања и до ЕВН Македонија. Прашавме која е постапката што треба да ја направат домаќинства и компании коишто сакаат да инсталираат фотоволтаици за производство на шест и четириесет киловати и да даваат вишок струја во мрежата, а да земаат од неа кога нема сонце?

-Категоријата потрошувач-производител треба да ја обезбеди соодветната документација како доказ за сопственост каде се инсталира производната постројка, основен проект за производната постројка, решение за поставување или одобрение за градење на производната постројка и да пополни барање за согласност за приклучување (БСП-1). За компаниите, се поднесува барање за приклучок во Електродистрибуција, потоа се добива решение и договор за приклучување и по потпишување и исполнување на условите во договорот се започнува постапката за физичко приклучување. Потребни документи согласно Закон за енергетика и закон за градба се дозвола за градба или дозвола за поставување на панели на кров и тоа се основни документи. Потоа извод од Централен регистар, имотен лист, извод од Катастар и основен проект врз основ на кој е добиена дозволата за градба. Електродистрибуција има законски рок од 40 дена по поднесено барање за издавање на согласност за приклучување. А потоа 50 дена за физичка реализација на приклучокот и 70 дена за добивање евентуални дозволи за градба, за поставување кабли, трафостаници и генерално енергетска инфраструктура. Постоечката мрежа не ги задоволува потребите за градба на големи капацитети на обновливи извори и поради тоа е потребно надградба на мрежата што само по себе значи поголем временски период за изградба и реализација на приклучокот – стои во одговорот од ЕВН.

На прашањето колку пари треба да платат во ЕВН за целата постапка, согласност за едно домаќинство или компанија, заедно со двосмерно броило,од ЕВН велат:

– Доколку вкупната моќност на издадените РСПДМ за производители и потрошувачи-производители не ја надминува вкупната моќност на производни постројки по ТС (трафостаница) согласно табелата подолу, се пресметуваат административни трошоци (издавање на нова енергетска согласност = 3690 ден).

Вид на ТС СН/НН               Вкупна моќност на производни постројки

630 kVA                               200 kW

400 kVA                               120 kW

250 kVA                                 80 kW

100 kVA                                 35 kW

За сите останати случаи се пресметуваат реални трошоци за приклучување со надградба на постојната мрежа кога нема капаците за новите барања.

Прашани дали е вистина дека доцни постапката за обезбедување на двосмерни броила што се неопходни во вакви ситуации и дека се чека тендер за доставувач на тие броила, оттаму одговорија дека ,,ЕВН секогаш ги предвидува и набавува потребните количини и ги почитува сите законски рокови кои важат од денот на поднесување на барањето од страна на барателот”.

Дали можеби трговци на струја и енергетска мафија го кочат целиот процес, беше последното прашање.

-Сите процедури кои зависат од ЕВН навремено се реализираат – потенцираа од ЕВН