Kansas City Super Bowl
Фото: ЕПА

Едно лице е убиено, а триесетина се повредени во пукотниците за време на парада на Канзас Сити Чифс, победниците на Супербоул-натпреварот во НФЛ-лигата во американски фудбал, изјавија од полицијата во Канзас Сити.

Меѓу ранетите се и единаесет деца кои се во болница, но не е познато на која возраст се децата.

Полицијата задржала тројца осомничени, а градоначалникот ја повика јавноста да сподели фотографии, видео и други информации од местото на пукање.

Видео снимки од настанот покажуваат како полицајците трчаат кон местото на пукање во голема толпа луѓе покрај транспортен центар додека жртвите се изнесувани со возила за итна помош.

Од извор во органите за безбедност „Си-би-ес“ дознава дека пукотницата не е поврзана со тероризам.

Квотербекот на Чифс, Патрик Махоумс, на социјалната мрежа Х напиша: „Се молам за Канзас Сити“.

Од Канзас Сити изјавија дека никој од играчите не е повреден.

Ова е 48 масовно пукање во САД од почетокот на 2024 година.