„Морал“ и „Дип Парпл“ / Фото: Приватна архива

На концертот бев со ќерка ми и малку пред да одекнат звуците на „Јовано, Јованке“ и реков: „Сега Дон ќе ја свири „Јовано“. Ме праша, од каде знам, а јас гордо и одговорив: „Ние му ја кажавме“, вели басистот и лидер на групата Славчо Стојанов

Сите што присуствуваа на концертот на легендарната рок група „Дип парпл“ во саботата во СРЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, беа пресреќни и горди кога клавијатуристот на бендот, Дон Ајри, отсвире неколку тактови на познатата македонска народна песна „Јовано, Јованеке“.

Сепак, најгорди беа членовите на македонската рок група „Морал“, кои уште во 2005 година, кога се одржа првиот концерт на „Дип парпл“ во Скопје, на Дон Ајри му ја откриле мелодијата на една од нашите најубави народни песни.

– На неодамнешниот концерт бев со ќерка ми и малку пред да одекнат звуците на „Јовано, Јованке“ и реков: „Сега Дон ќе ја свири „Јовано“. Ме праша, од каде знам, а јас гордо и одговорив: „Ние му ја кажавме“ – вели басистот и лидер на групата Славчо Стојанов.

„Морал“ предгрупа на пурпурните / Фото: Приватна архива

Тој ни откри дека „Морал“ требале да бидат предгрупа на „Дип парпл“ и во 2004 година.

– Интересно е дека Морал во 2004 година требаше да им биде предгрупа на „Дип парпл“ на концертот на Сајмиште во Белград, пред 30.000 луѓе. И ние бевме таму, ама организаторите ни рекоа дека поради доцнењето на концертот нема да свириме. Бевме многу разочарани. По година и пол сепак, ни се оствари желбата и тоа во нашето Скопје. Детските соништа ни станаа реалност! Ако во 1960-те беше главно прашањето, дали си за „Битлси“ или Ролингстонси“, во 1970-те дилемата беше дали си „Лед Цепелин“ или за „Дип парпл“. Потоа веќе ниеден бенд немаше таков митски статус на овие простори. Ние имавме одличен настап благодарејки и на менаџментот на „Парпл“, кој ни дозволи да ја користиме нивната миксета без никакви ограничувања, а и заради големата мотивација – се потсети Славчо.

ЦД како благодарност за „Јовано Јованке“ / Фото: Приватна архива

Тој ни откри и дека кога Јан Гилан го здогледал Влатко Илиевски, пејачот на „Морал“, му рекол: „Ти мора да си пејачот, бидејќи изгледаш токму како рок пејач“.

-Јас засекогаш ќе го паметам краткиот муабет за жици и бас гитари и неговиот стар „рикенбејкер“ со еден од моите идоли, басистот Роџер Гловер,еден од оние заради кој сум почнал да свирам токму бас гитара. Јан Пајс ни ги подари палките со кои жестоко удираше по тапаните. Неверојатен ден – се врати назад во времето Славчо Стојановски.

Фото: Приватна архива

Во пријатната дружба меѓу членовите на двата бенда, Дон Ајри побарал од нив да му покажат како се свири некоја македонска народна песна.

Гловер и „Морал“ / Фото: Приватна архива

– Беше многу расположен, постојано фотографираше, снимаше. Ни даде негово цеде, а ние му подаривме наш носач на звук. Ивица ја отсвири „Јовано, Јованке“ на акустична гитара, Дон ја запиша, со сите паузи и непарни ритми, и ја отсвири на концертот. На нашата гордост и немаше крај, кога по настапот ни пријдоа Јан Пајс и Стив Морс, и ни рекоа дека не очекувале вака добар бенд на овие простори. Стив беше полн со суперлативи за свирењето на колегата по инструмент Ивица. „Вашиот гитарист е супер, разбива, звучите одлично“, рече Стив Морс – се потсети Стојановски.

Ивица, Славчо и Влатко со Гловер / Фото: Приватна архива

А музичарот Ивица Јорданов, кој и денес не се дели од гитарата, е особено среќен што има и фотографии од таа неповторлива средба.

– Фотографијата на која е фатен мигот кога му ја свирам на Дон Ајри „Јовано, Јованке“, а тој ја запишува со ноти, засекогаш ќе ме потсетува на средбата со членовите на легендарните „Дип Парпл“.Интересно е дека паметам буквално се од таа средба. Пред настапот, се уште не беше влезена публиката, се качив на бината да си ги проверам гитарите и педалите, возбуден и целиот во трема, да с еуверам дека е се во ред , не дај боже нешто да не е расштимано на гитарите. Се појави Влатче и ми вели: „Дојди веднаш, во просторија кај нас влезе Дон Ајри и сака да научи некоја стара народна македонска песна“.Влеговме со Влатче , а Славчо и Сале веќе разговара со него. Се запознав со Дон, многу пријатен, учтив човек. Му ја отсвирев „Јовано, Јованке“, од прва му се допадна зеде некоја хартија пенкало и ја нотираше веднаш. Потоа неколку пати читајќи ги нотите ја пеевме, за да провери тој, а и ние, дали е се забележано како што треба. Оваа стра македонска песна јас научив да ја свирам од Влатко Стефановски, како и целиот Балкан што ја научи слушајќи ја на неговите концерти со деценнии наназад. На таа дружба со Дон Ајри му свирев и гајди со тапинг техника, Многу му се допадна, и донесе некој уред за снимање и ме снимаше.Потоа Дон ми подари негов албум со посвета и со благодарност за „Јовано Јованке“. Вечерта кога ја отсвире „Јовано, Јованке“ беше вистинско уживање и изненадување за сите нас – вели Ивица.

Ивица му ја свири „Јовано Јованке“ на Дон Ајри

Тој нема да го заборави и комплиментот што го добил од гитарситот Стив Морс.

– Кога зваршивме со настапот, гитаристот на „Дип Парпл“, Стив Морс дојде специјално да ми каже дека бил воодушевен од мојот гитарски израз. Мои пријатели кои го следа концертот ми рекоа дека неколку пати, илегувал на бината, кога слушнал како свириме. Иксрено јас многу ги сакам „Дип парпл“, растев со нивната музика и тогаш бев посебно инсприран, дадов се од себе и се исплатеше! Таа наша дружба со членовите на овој легендарен бенд засекогаш ќе ја паметам – ни рече тој.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Овој ден бил среќен за него и поради една друга вест што ја слушнал.

– На денот на одржувањето на концертот добив порака од мојата сопруга дека ќе имаме второ дете, на радоста и немаше крај. Е, тоа дете е мојот син Божидар, кој беше во првиот ред на концертот на „Доп парпл“ во сабота. Јас не го учев да слуша рок , музиката сама си го најде патот до него.За жал јас не бев на сегашниот нивни концерт на 28 мај,поради обврски, ама имав достоен претставник. Божидар има 16 години и исто така свири гитара. Ми кажа за еуфоријата кога одекнале звуците на „Јовано, Јованке“, а јас му реков, па јас го научив Дон Ајри да ја свири. Ете и „Дип парпл“ учат од некого, а таа 2005 година учители за македонска песна и македонски ритми им беа членовите на „Морал“ – вели Ивица Јорданов, гитарсит на познатата македонска рок група.