Владата на Соединетите Американски Држави се подготвува за прекин на работа кој најверојатно ќе следи за осум дена бидејќи конгресмените се уште не го договориле буџетот за следната година.
Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа им препорача на шефовите на федералните агенции да ги ажурираат своите акциски планови во случај на прекин на финансирањето и подготвија нацрт писмо за да ги информираат вработените за моменталната ситуација, пренесе „Вашингтон пост“.
Според американскиот весник, исклучувањето на владата значи дека милиони федерални вработени и припадници на војската ќе престанат да добиваат плати, додека многу од нив ќе мора да се појават на работа.
Во исто време ќе бидат затворени некои национални паркови и музеи, а ќе има и нови прекини и доцнења на аеродромите низ САД, пренесе „Танјуг“.
Исклучувањето на владата ќе влијае и на најважните федерални програми за помош, како онаа што им помага на жртвите од смртоносните шумски пожари во Мауи, Хаваи.
Американската влада ќе згасне доколку конгресмените не го изгласаат буџетот за следната фискална година до крајот на септември.