Владимир Путин (десно) и Реџеп Таип Ердоган

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се сретнаа во Сочи со заедничка агенда за разврска на осумгодишната граѓанска војна во Сирија, претставувајќи меморандум од 10 точки на заемно разбирање, од кој се извлекува единствен заклучок – Американците немаат улога во обликувањето на иднината на Сирија, пренесува Си-ен-ен.

Русија и Турција објавија широка спогодба која посветува внимание на една од големите турски грижи – присуството на курдските Народни заштитни единици во близина на границата. Но, истовремено води сметка и за големата причина за стравување на Курдите, дека сириските бунтовници поддржани од Турција би можеле да почнат акција за етничко чистење против нив и останатите малцински заедници.

Според договорот, руската воена полиција и сириските гранични патроли ќе влезат на сириската страна од сириско-турската граница, од денеска напладне. Во следните 150 часа тие ќе ги преместат курдските сили и нивното оружје за 30 километри наназад од границата. А потоа руската воена полиција и турската војска ќе почнат со патролирање на областа. Постојат одредени исклучоци според кои сирискиот град Камишли нема да биде вклучен во 10-километарската зона, додека не е јасно дали спогодбата се однесува на целата должина на границата, или пак на областите под контрола на сириските Курди. Договорот предвидува Турција да задржи контрола над областите заземени во офанзивата во северна Сирија.

Курдите, пак, ќе треба да направат отстапки. Договорот бара од Народните заштитни единици и Сириските одбранбени сили да направат отстапки надвор од подрачјето на конфликтот. Предвидено е Народните заштитни единици да се повлечат од градовите на Манбиџ и Тал Рифат. Спогодбата подразбира и дека Курдите добиваат нов гарант. Таа улога сега ќе ја имаат Русите, откако трупите на САД се повлекоа од Сирија.

На тој начин Путин и Ердоган станаа главните геополитички брокери во регионот, а Вашингтон е најголемиот геополитички губитник. Брзото повлекување на американските трупи му остави подарок на Путин, а турскиот договор само го зголеми понижувањето за Америка, заклучува Си-ен-ен.