Премиерот Зоран Заев е изолиран и внатрешно и надворешно по земјотресот предизвикан од објавените документи од страна на „Ла Верита“, кои докажуваат корупција во македонскиот политички и судски систем, пишува Ларис Гајсер во неговата нова статија објавена во италијанскиот весник што ја следи аферата „Рекет“.

Повод за текстот на Гајсер беше вчерашното обраќање на македонскиот претседател Стево Пендаровски. Во написот се наведува и дека македонскиот претседател се оградува од специјалната обвинителка Катица Јанева и од премиерот Зоран Заев, кој се наоѓа во незавидна ситуација.

–  Претседателот Пендаровски на вчерашната прес-конференција се оддалечи од неговиот политички тутор Зоран Заев, зазема еден висок институционален профил и всушност побара помош, со цел да не остане сам, свесен за фактот дека се наоѓа на врвот на една држава којашто има висококорумпиран судски систем. Пендаровски се „кандидираше” да ја заземе улогата на спасител на татковината во моментот кога режимот на Заев, напуштен од сите, дефинитивно ќе падне. Во едно сценарио, во кое Заев изгледа осуден на лош крај, поради изнесените докази, Пендаровски станува единствен гарант за евроатлантската перспектива на Македонија – се наведува во анализата на Гајсер.

Словенечкиот новинар се осврна и на реакциите на САД и на Србија по објавените информации за „Рекет“.

– САД испратија и силна критика кон владата во Скопје преку радиото „Глас на Америка“ , покрај тоа што испратија свој претставник на консултација со македонскиот претседател Стево Пендаровски. Дури и српскиот претседател Александар Вучиќ почуствува потреба да се произнесе по однос на случувањата – пишува Гајсер.