Автор: Пол Пилар

Нешенел интерест

Презирот на Доналд Трамп за американската разузнавачка заедница беше јасен уште од првиот ден откако ја презеде претседателската функција кога го искористи свеченото поставување на споменикот на ЦИА за паднатите офицери за да ги нападне медиумите и да се пофали со публиката од инаугурацијата. Друг потсетник е јавната поддршка за рускиот претседател и покрај заклучоците на неговите разузнавачки агенции за руското мешање во изборите. Најнов потсетник се медиумските извештаи дека честите предупредувања за коронавирусот во дневните разузнавачки брифинзи за Трамп во јануари и февруари не биле регистрирани само затоа што не им обрнувал внимание.

Чистката на разузнавачи и инсталацијата на лојалисти на Трамп, кои се неквалификувани за високите позиции како директор на националната разузнавачка служба, ја следат истата пракса. Јасно е дека Трамп не сака американската разузнавачка заедница да ја изведува нејзината функција на обезбедување објективни факти и анализи за надворешните настани. Наместо тоа, тој ја смета за владин елемент што ќе му користи за поткрепа на неговите теории.

Не е изненадување што сега, додека Трамп сака да го сврти вниманието од неговото справување со пандемијата од коронавирусот и да обвини други страни меѓу кои и Кина, тој всушност сака да ја вклучи разузнавачката агенција. „Њујорк тајмс“ пренесе дека високи владини функционери „ги натерале американските шпионски агенции да бараат докази за да ја поддржат непотврдената теорија дека епидемијата на коронавирусот потекнува од владина лабораторија во Вухан, Кина.

Потеклото на пандемијата, меѓу кое и можната вмешаност на кинеската лабораторија, се легитимни цели за анализа од страна на американското разузнавање, а наводниот притисок на прв поглед може исто така да е издржан. Разузнавачките агенции никогаш нема да располагаат со ресурси за бескрајно да го испитуваат секој можен одговор на сите важни прашања кои се бараат од нив.

Кога високи претставници од актуелната влада вршат притисок за одредена тема, таа веднаш станува приоритет на агенциите. Така, здружените напори што сега се случуваат треба да најдат некакви информации дека лабораторијата во Вухан била изворот на вирусот. Такви информации речиси сигурно ќе се пронајдат не затоа што ќе се приближат до вистината отколку до алтернативните варијанти за потеклото на пандемијата, туку само затоа што таму се врши потрагата.

Разузнавачките агенции, покрај постојаните неизвесности, треба да се скептични во врска со прашањето за потеклото на пандемијата. Изјава на разузнавачката заедница покажува дека е скептична, за разлика од спротивниот став на Трамп дека „е силно убеден“ дека вирусот потекнува од лабораторијата во Вухан. Во меѓувреме, агенциите ќе ги достават своите информации до Белата куќа која слободно и селективно може да ги користи во јавноста за да ја поддржи посакуваната теорија додека ги игнорира сите информации што можат да укажат во друга насока.

Администрацијата веќе покажа во други аспекти од пандемијата на коронавирусот, наклонетост кон користење на делумни и непроверени информации кога се залага за посакуваната теорија. Ова особено се забележува за наводните ефекти на хидроксихлоринот додека Трамп и неговите поддржувачи на Фокс њуз не ја намалија тивко неговата промоција кога се проширија премногу информации дека се работи за медицински ќорсокак.

Притисокот врз разузнавачките агенции за лабораторијата во Вухан потсетува на оној на поранешните администрации кога бараа материјали за да се поддржат нивните посакувани теории, меѓу кои и онаа за поводи за војна. Еден таков настан беше инцидентот во Тонкинскиот Залив во 1964 година, кога администрацијата на Џонсон ја промовираше идејата за втор напад од океанот од страна на Северен Виетнам врз американските воени бродови, кој речиси со сигурност не се случи, но послужи како повод да се добие јавна поддршка за војната во Виетнам. Слично на тоа беше притисокот за офанзива во Ирак од страна на администрација на Џорџ Буш помладиот, која ги натера постојано да бараат нешто што ќе укаже на сојуз меѓу иранскиот режим и Ал каеда.

Актуелниот пристрасен притисок за коронавирусот и лабораторијата во Вухан има повеќе страни. Најверојатно ќе се наруши јавното мислење од тоа што е познато и непознато за потеклото на пандемијата. Тоа дополнително ќе ги усложни американските односи со Кина, особено ако теоријата за лабораторијата се покаже погрешна. Ова исто така ќе ја поткопа важната улога на разузнавачките агенции во националната безбедност, на краток рок со преиначувањето на разузнавачките ресурси, а на долг рок со искористување на агенциите во политизиран обид за избегнување на вина.

Превод: Билјана Здравковска