Фото: Маја Јаневска-Илиева

­Економистите укажуваат дека слабата реализација на капиталните инвестиции води до разни опасности за економијата, особено во периоди на криза, па затоа предлагаат утврдување на „тесните грла“, бидејќи со нивната реализација се поттикнуваат сите области значајни за развој на државата

Капиталните инвестиции многукратно го помагаат стопанскиот раст

Деновиве надлежните посочија дека од почетокот на годината до крајот на јуни, вкупните приходи во буџетската каса се повисоки за 14,5 проценти во споредба со минатата година, што, според нив, се должи на добрата наплата на даноците и придонесите.
Поради добрата наплата, министерот за финансии посочи дека очекува повеќе пари по ребалансот на буџетот да се насочат кон потребите за имплементирање мерки за справување со кризата, потоа за субвенции, како и за раст на капиталните инвестиции.
– Буџетот е во добра кондиција. Расходите се извршуваат редовно и навремено, а некои обврски се исплаќаат дури и предвреме, во насока на заштита на одредени категории граѓани, како што е случајот со предвремената исплата на пензиите. Капиталните расходи се планирани на ниво од 30,5 милијарди денари или за 6,5 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Со дополнувања на буџетот за 2021 година, извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи, од иницијално планираните 9,4 отсто се зголемува на 11,3 проценти, што е повисоко ниво од просекот во последните десет години (9,5 отсто) – рече Бесими.

Во согласност со податоците што се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии, заклучно со петти месец 2021 година, реализирани се 21,85 отсто од капиталните расходи или капитални инвестиции. Станува збор за расходите на буџетските корисници наменети за трајни добра, како патишта, училишта, болници, водоводи, студентски домови, спортски објекти, апарати за здравството, опрема итн. Реализацијата на капиталите инвестиции е важна бидејќи креираат подобри услуги за граѓаните и придонесуваат за развој на економијата.
– Според искуството што го имаме стекнато минатите години, знаеме дека во првите месеци од годината реализацијата на капиталните инвестиции е на многу ниско ниво, додека во последниот квартал има најголема реализација на планираните инвестиции. Ова сигурно е резултат на разните процедури и административни формалности што мораат да се почитуваат при големи проекти – посочува претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), Ангел Димитров.
Димитров објаснува дека капиталните инвестиции многукратно го помагаат економскиот развој, и со самата изградба и инвестиција, но и со полезните ефекти од реализацијата.
– Најпрвин во текот на реализацијата им се исплаќаат плати на градежниците, се набавуваат материјали и опрема и сето тоа ја зголемува потрошувачката, која позитивно влијае на растот на БДП. По реализацијата, зависи од типот на инвестицијата, таа исто така влијае или на намалување на некои трошоци, како на пример автопатиштата, кои ја намалуваат потрошувачката на гориво за возилата, го скратуваат времето на патување и превоз на стоки и ги намалуваат сообраќајните несреќи. Инвестициите во гасификацијата исто така позитивно влијаат на развојот и во текот на градбата, а потоа ги намалуваат трошоците за греење на стопанството и домаќинствата, отвораат можности за производство на струја од еколошки извори, ја намалуваат зависноста од увоз на струја, но исто така можат долгорочно да влијаат на цената на струјата – објаснува Димитров.

Тој потенцира дека на капиталните инвестиции не треба да се гледа само како на инвестиции во инфраструктурата туку потенцира дека истите тие мора да имаат широк опфат и да бидат насочени кон поттикнување на сите области значајни за развој на државата.
– Многу се корисни и инвестициите во брани за наводнување, кои се благодат за земјоделството, влијаат на зголемено производство и извоз на земјоделски производи, но исто така се спас од глобалното затоплување и недостигот од вода за пиење. Но и инвестициите во образованието можат да се наречат капитални, затоа што ефектите што ќе ги дадат на подолг рок се неопходни за развојот на државата. Без вложување во знаење и наука нема да можеме да ја промениме индустриската структура и да очекуваме иновации и технолошки развој. Сево ова е неопходно ако сакаме повисок стандард и квалитет на животот – потенцира Димитров.
Професорот од „Американ колеџ“, Марјан Петрески, објаснува дека ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции води до разни опасности за економијата, што е особено изразено во периоди на криза како последната, поради која е намален економскиот раст. Според него, потребно е да се ревидира процесот на планирање на капиталните инвестиции и да се идентификуваат „тесните грла“ за нивна реализација.
– Проблемот можеби е во потенцијалот за реализација. Желбите при планирање се едно, но техничко-организацискиот капацитет на државата друго. Порамнување на очекувањата при планирањето на инвестициите со капацитетите е клучно. Во суштина воопшто нема дилема околу помошта што капиталните инвестиции ја обезбедуваат за државата, особено за закрепнување во постпандемискиот период и во ревитализацијата на економија – потенцира Петрески. Професорот исто така укажува дека мора да се скратат непродуктивните трошења, додека трошоците во клучните сектори да се зголемат, посочувајќи ги образовниот и здравствениот сектор, кои по пандемијата треба да излезат поотпорни на нови потреси.