Странските директни инвестиции како повод
Во анализата на Агенцијата на Организацијата на Обединетите нации за економија и трговија (УНЦТАД), чии резултати се публикувани деновиве, а е направено споредбено истражување меѓу петте земји од Западен Балкан, во однос на СДИ на прво место е Србија. Таму лани биле инвестирани околу 4,6 милијарди долари. Втора е Албанија со 1,4 милијарда, потоа следуваат Црна Гора со 877 милиони, Македонија со 794 милиони и Босна и Херцеговина со 661 милион долари. Косово не е вклучено во извештајот бидејќи не е земја-членка на Организацијата на Обединетите нации
Меѓу земјите од Западен Балкан постои сериозна конкуренција и борба за привлекување странски директни инвестиции (СДИ). Заради подобрување на перформансите на националните економии, владите на земјите во регионот здушно се посветија на привлекувањето на странските инвеститори, преку одобрување низа финансиски олеснувања и други бенефиции. Во анализата на Агенцијата на Организацијата на Обединетите нации за економија и трговија (УНЦТАД), која е направена меѓу петте земји од Западен Балкан, во однос на СДИ на прво место е Србија, каде што лани биле инвестирани околу 4,6 милијарди долари, втора е Албанија со 1,4 милијарда, Црна Гора со 877 милиони, Македонија со 794 милиони и Босна и Херцеговина со 661 милион долари. Косово не е вклучено во извештајот бидејќи не е земја-членка на Организацијата на Обединетите нации.
Што се странски директни инвестиции (СДИ)?
Во економската наука се споменуваат различни дефиниции за тоа што претставуваат странски директни инвестиции. Поедноставно објаснување е дека дефиницијата за СДИ се однесува на инвестиции направени од еден ентитет/инвеститор на една економија во друга економија. Со оглед на глобализацијата и економско-финансиската либерализација, за да се дојде до една значајна дефиниција на СДИ, мора да се земат предвид различни фактори, како што се влез на пазарот, процентот на инвестирање, долгорочниот интерес и одржливост на инвестициите, како и влијанието на одлучувањето на странските инвеститори, контролата и управувањето со инвестициите. ММФ ги дефинира СДИ како категорија на меѓународно вложување што ја рефлектира целта на резидентот од една економија (директен инвеститор) да се стекне со траен интерес во претпријатие што е резидент во друга економија. Целта на директниот инвеститор е да обезбеди значителен степен на влијание врз управувањето со резидентната компанија на друго место.
Очекувањата на земјата домаќин се дека со привлекувањето странски капитал ќе се донесат и нови технологии, со кои ќе се отворат нови работни места, а со тоа ќе се оствари и поголем раст на националната економија. Привлекувањето странски инвестиции, само поради искористувањето на државните субвенции, не дава и долгорочна сигурност дека странските компании ќе останат во таа земја. Забелешките на бизнис-заедницата се однесуваат и на ограничениот пристап на македонските компании во развојните економски зони
Различни земји имаат различни стандарди за учество на капиталот на инвеститорот во инвестицијата, кои би се сметале за СДИ. Затоа, се поставува прашањето до кој степен странскиот инвеститор треба да инвестира во друга земја за вложувањето да се смета за странска директна инвестиција. Во овој контекст, според релевантни меѓународно-политички и економски-финансиски организации како што се Светска банка, ММФ, УНКТАД, ОЕЦД, за да се смета за директна странска инвестиција, инвеститорот мора да инвестира најмалку десет проценти од неговиот акционерски капитал во однос на вкупната инвестиција во странската компанија во која инвестира.
Зошто се важни СДИ?
Очекувањата на земјата домаќин се дека со привлекувањето странски капитал ќе се донесат и нови технологии, со кои ќе се отворат нови работни места, а со тоа ќе се оствари и поголем раст на националната економија. Покрај ова се очекува и да се донесат нови знаења и за домашните компании, со што би се зголемиле и нивната продуктивност и конкурентност на домашното производство на странските пазари.
СДИ произведуваат два ефекта на пазарот на земјата домаќин: првиот, ефектот на конкуренцијата и вториот, ефектот на врските. Ефектот на конкуренцијата се манифестира на два начина, со различна тежина: замена на домашните финални производи и зајакнување на конкуренцијата на пазарот. Странските фирми воспоставуваат еден вид врски со домашните фирми, кои се купувачи на нивните производи, и друг вид врски како купувачи на домашните производи. За разлика од ефектот на конкуренцијата, формирањето на врските доведува до комплементарност на странските и на домашните фирми на пазарот. Позначајни економски бенефиции се однесуваат и на зголемувањето на просечната плата на работниците што работат во компании во кои има странски капитал, како и зголемување на вредноста на нето-извозот и постигнување повисока стапка на раст на БДП.
Минатата 2022 година, според официјалните бројки на Народната банка на Македонија, е остварен историски рекорден износ на странски директни инвестиции во земјата во износ од 753,8 милиони евра. Во текот на првиот квартал од 2023 година, вкупните директни инвестиции во земјата бележат нето-приливи од 126,5 милиони евра, како резултат на реинвестираната добивка (107,2 милиони евра) и зголемените инвестиции во сопственичкиот капитал (44,7 милиони евра), додека кај меѓукомпанискиот долг се остварени нето-одливи (од 25,5 милиони евра). Анализирано по земји, највисоки директни инвестиции во вредност има од Австрија и од Обединетото Кралство. Во групата пет најголеми странски инвеститори во земјата спаѓаат и Грција, Холандија и Германија.
Третманот на странските инвестиции во Македонија.
Многу земји претежно земји во развој и земји во транзиција имаат цел да привлечат странски директни инвестиции нудејќи подобри услови за потенцијалните инвеститори. Од претходните влади во Македонија беа донесени низа законски олеснувања за отворање погони на странски компании во технолошките индустриски развојни зони во Македонија, како што е неколкугодишно ослободување од плаќање придонеси за вработените, воведување повластени царински стапки, бесплатна инфраструктура и други бенефиции. За ваквиот преференцијален статус на странските компании посочуваат и претставниците на македонските бизнис-асоцијации. Имено, тие укажуваат на постоењето подобар системски приод, односно интегрален приод и третман што ги вклучува и домашните компании и инвеститори, во споредба со користење на поволностите што им се нудат на надворешните инвеститори.
– Нашата економија не им овозможува доволно шанси на македонските компании да инвестираат. Ако станува збор за производство, не постојат доволно локации за изградба на индустриски капацитети, ако станува збор за енергетика, на приватниот сектор не му се дава адекватна шанса. Административните процедури се сложени. Нема волја да се најдат решенија, на важни позиции се наоѓаат лица без доволно капацитет за успешно менаџирање на процесите – изјави Трајан Ангеловски, претседателот на Сојузот на стопански комори.
Директорот на Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, информира дека, според најавите, првата македонска компанијата требаше да почне со инвестицијата минатиот месец во ТИРЗ Скопје, но договорот бил „заглавен“ во Комисијата за заштита на конкуренцијата.
– Договорот е подготвен и поднесен на разгледување кај надлежните институции пред околу три месеци. Сѐ уште очекуваме институциите да се произнесат пред да ја објавиме инвестицијата. Ако добиеме одговор од комисијата, уште утре ќе можеме да почнеме со реализација – рече Деспотовски.
Другата страна на медалот од „овозможувањето на странските инвеститори да уживаат најголеми погодности“ дадени од домицилните држави
Привлекувањето странски инвестиции, само поради искористувањето на државните субвенции, не дава и долгорочна сигурност дека странските компании ќе останат во таа земја. Примерот со Србија, која изминатите години успеа да привлече најголем број од инвестициите во регионот, се соочува и со „повратен“ удар од странските инвеститори. За помалку од една година нашиот сосед го напуштија десетина турски компании, претежно од текстилната индустрија, со што беа затворени десетина илјади работни места.
Забелешките на економските аналитичари, покрај ограничениот пристап на македонските компании во развојните економски зони, се однесуваат и на структурата на компаниите што дејствуваат во рамките на ТИРЗ. Поголемиот број од странските компании се од областа на автомобилската индустрија и од ИТ-индустријата. Ова придонесува за „нееластичноста“ на производниот сектор во развојните зони, кои се изложени на надворешните и глобални влијанија и кризи, како што беше и изминатата година во автомобилската индустрија. М.Ј.