Фото: МИА

Вработени во Министерството за финансии бараат веднаш да се започне со исплата на додатокот на плата во висина од 30 отсто за сите вработени, согласно член 9 од Законот за извршување на буџет, согласно уредбата објавена во Службен весник, од причина како што нагласуваат, сите тие ги исполнуваат условите, имаат зголемен обем на работа и сложеност во постапките.

-Во врска со доставувањето на Колективниот договор во Министерството за финансии со кое баравме да го потпише почитуваниот министер Фатмир Бесими, а кој се однесува на зголемување на платите за 30 отсто за сите вработени во Министерството и за органите во состав, информираме дека во зададениот рок до 12 февруари, немаме никаква информација дали е потпишан, ако не е, да ни се образложи од кои причини – нагласуваат тие во писмениот допис до МИА.

Протести и штрајкови најави во петокот, Синдикатот на Министерството за финансии при УПОЗ, ако не се потпише колективен договор.

– Бараме да ни се вратат дополнителните 30 отсто на плата што ни ги укина Уставниот суд. Му даваме рок на министерот да го потпише до распишувањето на изборите, доколку не го потпише ќе продолжиме после изборите со протести и штрајкови и нема да функционира Министерството за финансии. Нема да се работат експропријациите за Бехтел и Енка и нема да се исплаќаат плати за цела јавна и државна администрација – рече Даниел Михајловски, претседател на Синдикална организација на Министерството за финансии при УПОЗ.

Тој додаде дека бараат рамноправност во вреднувањето на трудот, истакна оти со потпишувањето на колективниот договор, трајно ќе се реши проблемот со платите.

Бојан Трипуноски, генерален секретар на синдикатот на УПОЗ, потсети дека бараат решавање на проблемите со кои се соочуваат вработените во Министерството за финансии, Управата за имотно правни работи и Бирото за јавни набавки.

– Решивме денес пред вас и пред очите на јавноста до министерот да доставиме колективен договор и да го повикаме да го потпише најдоцна до понеделник, 12 февруари – рече тогаш Трипуноски.