Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Замената на возачките и сообраќајните дозволи поради промената на уставното име од утре ќе се врши бесплатно, а без надомест ќе бидат издавани и патните листови на нашите државјани во странство, а треба да се вратат поради промена на личните документи. Во државите каде нема дипломатско конзуларни претставништва издавањето на патните листови ќе биде он-лајн и со достава преку пошта. Најавена е и награда со исплата на една плата за вработените во управните служби за ангажманот при издавањето документи.

Одлуките што ги донела денеска Владата ги соопштија на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.

-Од денеска го задолживме Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите правни акти за да постапи, а тоа возачките и сообраќајни дозволи за сите граѓани на РСМ коишто треба предвремено да се сменат да бидат без надомест. Министерството за надворешни работи, пак, треба да преземе активности издавањето на патните листови за сите граѓани коишто живеат надвор од територијата на Северна Македонија кои имаат потреба да се вратат за да извадат патни исправи надоместот за патните листови да биде нула или ќе биде без надомест за нив. Дополнително, МНР исто така се задолжи да преземе активности соодветно издавањето на патните листови во државите каде што нема ДКП-а да биде направено онлајн и да бидат испратени по пошта за да нашите граѓани кои живеат надвор од територијата немаат дополнителни трошоци за да го добијат патниот лист – рече Битиќи.

Со ова, посочи, сметаме дека им излегуваме во пресрет после сите различни толкувања, недоразбирање на сите граѓани за да соодветно до крајот на годината постапат и се здобијат со патни исправи или други документи коишто им требаат, а се поврзани со промените на законите коишто беа направени.

Бојмацалиев истакна дека од утре на товар на МВР ќе се врши промена на возачките и сообраќајните дозволи со старото уставно име.

– Службите во МВР веќе ги изготвуваат сите интерни акти што ќе бидат потпишани од мене и од министерот за внатрешни работи – рече Бојмацалиев.

Тој најави дека вработените во управните служби ангажирани во промената на документите утре ќе добијат по една плата во висина на последната исплатена плата. Тој акт, како што рече, е потпишан и од него и од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Одлуките на Владата се донесени по решенијата што ги донела Работната група која пред две недели доби задача да најде решение за сообраќајните и возачките дозволи, патните листови и се што е поврзано околу менувањето или предвременото менување на документи заради законските одредби по уставните измени и промената на името на државата.