Фото: МИА

Во јавниот сектор врие од корупција и непотизам. Таму каде што има поголеми плати, има превработеност, а таму каде што има мали плати, недостигаат работници. Државава има добри закони, но треба да има и добри лидери, добри политичари и добри предводници на институциите кои ќе ги спроведуваат законите. Вработените во јавниот сектор се уште немаат доживеано спроведување на законите во целост, беше речено на денешната конференција „Влијанието на корупцијата и непотизмот врз реформите, платите и капацитетите на јавниот сектор“.

Како што порачаа учесниците, корупцијата во јавниот сектор, непотизмот и непрофесионализмот делуваат девастирачки од повеќе аспекти: ги обесхрабруваат и демотивираат чесните административни работници, ги одбиваат младите луѓе да станат дел од јавниот сектор, а се испраќа и силна негативна порака генерално во јавноста, дека системот не функционира.

За сузбивање на корупцијата и надминување на ваквата состојба, беше заклучено, треба да се спроведе дигитализација која ќе овозможи мерит систем, за што е потребна политичка волја.

Според претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, секогаш кога државата во официјалните извештаи е обвинета за корупција, политичарите го вперуваат прстот во работниците и секогаш кога ќе се спомнат реформи во јавниот сектор, тогаш треба да има отпуштања и да се менуваат закони.

-Во јавниот сектор врие од корупција. Во здравството, полицијата,…, секаде во администрацијата врие од корупција. Политичарите не можат да ги спроведат реформите, а во извештаите пишува дека корупцијата потекнува токму од избраните и именуваните лица. Зошто секогаш во земјава кога некој ќе им каже на политичарите дека имаме корупција и дека треба да спроведеме реформи во јавниот сектор, тие веднаш помислуваат на правење нови закони? Така беше со Законот за административни служебници кој беше сменет неколку пати во овие пет-шест години. Направија тотален хаос, па ниту образованието, ниту кариерата, не доаѓаат предвид за вработените во јавниот сектор, туку секогаш во преден план ќе бидат оние што се партиски приклучоци и ќе бидат наградени од раководителите и директорите. Цела јавност зборува дека имаме непотизам и корупција, но не сме ние, вработените, тие што го правиме непотизмот и тие што ја развиваме корупцијата. Вработените во јавниот сектор работат чесно и напорно, а последниве години, за жал, доживуваат психо-физички тортури зашто ја работат и работата на партиските, неподобни луѓе кои не доаѓаат на работа – истакна Ралповски.

Тој оцени дека реформите во земјава не треба да почнуваат со менување на законите, туку со нивно почитување и имплементирање.

-За сузбивање на корупцијата треба да се направи дигитализација која ќе овозможи мерит систем, системот ќе кажува кој ќе работи, а кој не. За тоа да се случи треба да има политичка волја, да почнат да се спроведуваат законите и да се направи мораториум во јавниот сектор – па да се види кој што треба да работи и каде треба да работи – подвлече Ралповски.

Професорот Лазар Јовевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, раководител на Катедрата по трудово и социјално право, смета дека ако системот е корумпиран и преку вработувањата и преку надзорот и контролата, тогаш тоа е силно обесхрабрување за сите, не само во јавниот, туку и во реалниот сектор, во стопанството.

-Затоа е многу важно да се детектира од каде произлегува проблемот со корупцијата во јавниот сектор, непотизмот, непрофесионализмот. Ако сакаме државата да оди напред на кое било поле, мора фундаментално добро да се постави функционирањето на јавниот сектор. Јавниот сектор мора да се охрабри и да бара луѓе кои се професионалци. За ова зборуваме 30 години, но бараме начин како да не го примениме. Треба да вработуваме луѓе не поради некаква политичка, нацонална или друга припадност, туку поради нивната стручност. На хартија имаме критериуми и мерила кои треба да ги доведат на површина најдобрите кандидати во јавниот сектор, но во пракса тоа не функционира. Има многу злоупотреби. Мора да се изменат некои закони и да се засилат некои институции кои вршат контрола, судовите да постапуваат со друг капацитет и обем. Ако тие што треба први да го почитуваат правото, не го прават тоа, проблем има целото општество. Решенија има, има начини ако сакаме да ја средиме државата, но вистинското прашање е дали сакаме. На голем дел од креатроите на политиките им одговара ваквата состојба на нефукционалност на системот, а ако јавниот сектор не ги почитува принципите на владеење на правото, тоа значи дека државата не функционира и дека системот се руши од внатре – оцени Јовевски.

Според Боби Додевски од Синдикатот на полицијата, за корупција во која било институција нема оправдување. Не се проблем законите, туку нивното спроведување и можеби политичкото влијание кое е влезено во сите институции.

-Неопходна е добра реформа, да се тргне непотизмот, да се ценат професионалните работници и конечно, секој да си ја работи работата за која е платен. За корупција во која било институција нема оправдување, ниска или висока плата. Повеќе, би рекол, селективноста при распоредување на работните места, непочитување на законските обврски од претпоставените, па дури, можам да кажам, и менувањето на областите и системот на напредок во кариерата доведоа до поставување непрофесиоанлни кадри – истакна Додевски.

На конференцијата беше и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски кој, како што рече, целосно ги поддржува синдикатите во борбата за права на работникот.

Ѓорѓиевски ги изнесе своите видувања за намалување на можностите за корупција во општините, а се осврна и на висината на платите на општинската администрацијата.

-Веќе 10 години општините издаваат дозволи за градење исклучиво по електронски пат или се продава државно градежно неизградено земјиште со јавни аукции кои се спроведуваат електронски. И продажбата на движни и недвижни ствари на општините се реализираат електронски. Но, морам да укажам дека ЗЕЛС, исто така, веќе пет години бара воведување и на електронски систем на плаќање на данокот на имот, за што централната власт е глува. Висината на платите на општинската администрацијата е друг значаен фактор за создавање  професионална и стручна општинска администрација. Игнорантски е односот на централната власт која склучи колективни договори со синдикатите, а притоа, ниту ги консултираше, ниту им префрли на општините дополнителни средства за да може договорените обврски да ги исплатат. Посебен преседан е и новиот Предлог-закон за јавна администрација во кој се дозволи да се стават и одредби со кои директно се кршат одредени, со Устав, гарантирани права на работникот – посочи Ѓорѓиевски.