И на денешниот последен ден од општата расправа по Предлог-буџетот за 2023 година, членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет се конфронтираа, соочувајќи ги спротивните ставови. Според мнозинството, проектираните буџетски ставки ќе овозможат економско заздравување и справување со последиците од енергетската криза, додека за опозицијата предложениот буџет е историски највисок, инфлаторен и расипнички.
Власта нема визија како да се справи со високите цени на прехранбените производи, не ги реализира капиталните инвестиции, јавниот долг е сè повисок и инфлацијата не е увезена, беа само дел од обвинувањата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Нивните колеги од СДСМ, пак, изнесуваа контра аргументи. Како што рекоа, изминативе години приоритет беше враќањето на долгот што го направила ВМРО-ДПМНЕ, но паралелно се градеа и реконструираа многу градинки, училишта, спортски сали, инфраструктура,…, а сега, во време на енормна криза, платите, пензиите и социјаните трансфери не само што се редовни, туку се и зголемени.
– Ова е последен ден од општата расправа, но не очекувам ништо да се смени и по разгледувањето на амандманите. Велите, ова бил буџет за економско заздравување. Не може да биде за економско заздравување кога е рекордно висок, проектиран на 5,3 милијарди евра, со дефицит од 700 милиони евра. Одиме кон јавен долг кој не ќе може да се сервисира, како ќе ги враќаме парите? Предвидувате и 800 милиони евра за капитални инвестиции. Нема шанси. Тука, кај капиталните инвестиции, се крие и најголемата лага. Излезете и кажете што ќе се изгради, кое училиште, кој студентски дом, кој факултет? – рече претседателот на Комисијата, Бојан Стојаноски, реплицирајќи и на пратеничката Даниела Колева од СДСМ која претходно го образложи Предлог-буџетот.
Според него, од 1 јануари ќе се воведе прогресивно оданочување, земјава не може да произведува струја како што најавува власта зашто сите енергетски капацитети не работат, а и не е точно дека инфлацијата е увезена.
Колева, во контра реплика, го обвини Стојаноски дека изнесува лаги и небулози.
– Кажувате многу лаги и небулози. Преиспитувајте си ги податоците, но и изворите, од каде се добиени тие податоци. Граѓаните треба да бидат скептични кога ве слушаат. Јавниот долг моментно е во рамки на фискалните правила..Изминативе години приоритет беше да се вратат долговите што ги правеше ВМРО-ДПМНЕ. Овие пет години се вратени две милијарди евра долгови што ги направила ВМРО-ДПМНЕ, а за 2023 година имаме за враќање стари долгови, 800 милиони евра основица и 210 милиони евра камати, исто направени пред 2016 година. Притоа, ниту плата, ниту пензии доцнеа, дури пензиите предвреме се исплаќаа. Социјалните трансфери, исто така, се исплаќаат навреме. Не се точни ниту информациите за минималната и просечната плата што ги кажувате. Просечната плата е во постојан раст последниве шест години. Во делот на капитални инвестиции – реализиравме локални и регионалнои патишта, саниравме училишта, изградивме и реконструиравме спортски сали и градинки. Следната година во мојот град Кавадарци е планирано да се направи затворен базен и Дневен центар за лица со попреченост. Оваа Влада е насочена и кон рамномерен регионален развој, но фокусот е и во намалување на невработеноста – подвлече Колева.
Стојаноски објави еден час пауза по која Комисијата ќе продолжи со расправа.