Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најпосле, минатата година успеавме да ги постигнеме бројките од 2019 година, која се смета за една од најуспешните, бидејќи беа достигнати врвни бројки и кај бројот на туристи и кај ноќевањата. И оваа година бројките покажуваат дека интересот за посета на нашата земја се враќа. Од почетокот на годината, па сѐ до јули нашата земја ја посетиле 663.276 туристи, при што бил забележан раст од 8,7 проценти во споредба со истиот период минатата година

Ќе успееме ли годинава да ги надминеме бројките на посети од пред пандемијата

Континуираниот раст на бројот на туристите, секако, е позитивен знак за македонската економија. Бројот на туристите од почетокот на годинава е зголемен, како и бројот на ноќевања. Бројките што ги објавува Државниот завод за статистика покажуваат дека по рестрикциите во 2020 година, кога туризмот и посетите беа сведени на минимум, што се одрази многу негативно на секторот, од 2021 година се враќаат туристите. Најпосле, минатата година успеавме да ги постигнеме бројките од 2019 година, која се смета за една од најуспешните, бидејќи беа достигнати врвни бројки и кај бројот на туристи и кај ноќевањата.
И оваа година бројките покажуваат дека интересот за посета на нашата земја се враќа. Од почетокот на годината, па сѐ до јули нашата земја ја посетиле 663.276 туристи, при што бил забележан раст од 8,7 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Забележан раст на ноќевањата

Статистичарите забележале раст и кај ноќевањата во првите седум месеци од годината, и тоа за 6,1 процент. Иако има раст на странските туристи, сепак, поголем дел од ноќевањата ги прават домашните туристи.
Во врвот на најчестите посетители последниве месеци и години се туристите од Турција. Само во јули од таму нѐ посетиле 53.296 гости.
Податоците од базата „МакСтат“ на Државниот завод за статистика откриваат дека и пред пандемијата Македонија имала голем број посетители од Турција. Имено, само во 2018 година од Турција дошле 111.667 гости, кои оствариле 166.620 ноќевања. Следната 2019 нѐ посетиле 112.472 гости од Турција, кои оствариле 165.459 ноќевања. Во 2020 година нивниот број драстично паднал на само 11.395 посетители, што, секако, се должи на рестрикциите од пандемијата на ковид-19. Во 2021 година од Турција дошле 27.260 посетители, кои оствариле 52.786 ноќевања. Во текот на 2022 година нѐ посетиле 79.927 туристи од Турција, кои оствариле 137.094 ноќевања, а минатата година нивниот број достигнал 195.448 посетители со 280.809 ноќевања.
Следни на листата најчести посетители во јули биле гостите од соседна Србија, од каде што во земјава престојувале 10.402 лица. Туристите од соседна Србија се исто така меѓу поредовните и повеќебројните гости на нашата земја. Ако се земат податоците за изминатите пет години, ќе се забележи исто како и кај Турците, нагол рез во 2020 година. Имено, во 2018 од Србија нѐ посетиле 57.460 гости, кои оствариле 100.520 ноќевања. Следната 2019 година пристигнале 59.567 лица и оствариле 106.103 ноќевања. Во текот на 2020 година пристигнале само 11.697 гости, додека следната 2021 сме имале 43.914 посетители од Србија. Во 2022 година пристигнале 63.834 туристи од Србија, кои оствариле 129.295 ноќевања, додека минатата година дошле 71.030 гости, кои преноќиле 145.866.
На трето место се гостите од Холандија, кои важат за верни посетители. Само во јули од Холандија нѐ посетиле 4.817 гости. Дополнително, туристите од Холандија остануваат подолго, за разлика од турците или соседите од Србија.
Во преткризната 2018 година од Холандија дошле 27.918 туристи, кои оствариле 136.663 ноќевања, додека во 2019 пристигнале 31.481 лице од таму и оствариле 159.909 ноќевања. Во 2020 имало само 1.494 гости, додека во 2021 година дошле 7.226 посетители од Холандија и оствариле 25.994 ноќевања. Во текот на 2022 пристигнале 19.845 Холанѓани, кои останале 72.680 ноќевања. Во текот на минатата година од таму ни дошле 23.829 туристи, кои оствариле 80.352 ноќевања.
Потоа доаѓаат гостите од Полска со 4.445 посетители, па гостите од Романија од каде што дошле 3.995 туристи.
Полјаците се сметаат исто така за традиционални посетители. Во 2018 година ни дошле 34.575 лица, кои оствариле 126.613 ноќевања. Во преткризната 2019 година дошле 35.611 туристи и имале 127.968 ноќевања. Во пандемиската 2020 дошле само 2.748 гости, додека во 2021 пристигнале 19.748 лица. Во 2022 година дошле 23.150 гости, кои оствариле 70.831 ноќевање, додека лани пристигнале 25.760 Пољаци, кои оствариле 72.984 ноќевања.
Гостите од Романија ги има во нешто помал број од Полјаците, па во 2018 дошле 16.727 лица, додека следната 2019 година пристигнале 18.984 лица, кои оствариле 33.439 ноќевања. Во 2020 дошле само 4.004 гости од Романија, но во 2021 дошле 18.275 гости. Во текот на 2022 година дошле 19.203 лица и оствариле 35.865 ноќевања, а минатата година пристигнале 21.633 лица и оствариле 42.246 ноќевања.
Меѓу земјите од каде што доаѓаат поголем број посетители се и Германија, соседните Грција и Бугарија, Соединетите Американски Држави, но и Хрватска.
Па така, во текот на минатата година поголем број гости пристигнале и од Германија, од каде што нашата земја ја посетиле 35.004 лица, кои оствариле 69.198 ноќевања.
Од соседна Грција ни пристигнале 39.971 посетители, кои оствариле вкупно 66.222 ноќевања. Од кај нашиот источен сосед Бугарија лани ни пристигнале 24.676 туристи, кои оствариле 40.180 ноќевања. Не е за потценување ниту пак бројот на посетители од Хрватска, од каде што ни дошле 22.908 туристи, кои оствариле 46.315 ноќевања. Во поголем број ги имало и посетителите од САД, од каде што ни пристигнале 21.522 лица, кои оствариле 41.403 ноќевања. Е.Р.