Владата на Норвешка наредната година очекува рекордни приходи од продажба на нафта и гас, речиси една петтина повеќе отколку годинава и петпати повисоки од 2021, благодарение на проценетото повисоко производство и скокот на цените.
Цените на гасот во Европа се повисоки поради намалените залихи од Русија. Западните земји воведоа санкции против земјата поради нејзината инвазија на Украина.
Најголемиот европски снабдувач со гас и голем светски производител на нафта, Норвешка очекува идната година да испумпува 4,3 милиони барели нафтна дневно. Тоа е за 200.000 барели дневно повеќе отколку годинава. Поради растечките цени, тоа ќе ѝ донесе голема заработка.
Во нацрт-буџетот за наредната година, Министерството за финансии на Норвешка прогнозира раст на приходите од нафта и гас на рекордни 131 милијарди долари, пишуваат дел од светските медиуми.
Иако Осло тврди дека „скокот“ на цените на гасот не е во долгорочен интерес на земјата, таа ги отфрли повиците за ограничување на цените. Според Осло, тоа нема да ѝ помогне на Европа да обезбеди повеќе енергија.
Во нацрт-буџетот, Министерството за финансии најави и дека планира наредната година да ја намали потрошувачката од државниот пензиски фонд за буџетско финансирање за да ја ограничи инфлацијата.
„Иако економијата покажува знаци на забавување, инфлацијата е на највисоко ниво од 80-тите години на минатиот век. Затоа е потребен штедлив буџет каде се намалува потрошувачката од глобалниот пензиски фонд на Владата“, се истакнува во соопштението.
Се очекува инфлацијата годинава да достигне 4,8 отсто и да падне на 2,8 проценти во 2023 година.