Со Србија се преговара за размена на гас за електрична енергија, а доколку се постигне договор половина од електричната енергија која ќе се произведе во ТЕ-ТО треба да остане за нашите потреби, а другата половина да се врати на северниот сосед, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
-Ние ја прифативме оваа финална понуда и Србија сериозно ја разгледува. Овој предлог за размена на енергенси првично беше предложен од Србија за што Северна Македонија даде конечен одговор, а сега чекаме одговор од српската страна, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во вчерашното гостување во 360 степени на телевизија „Алсат“.
-Ниту Северна Македонија ќе купува гас од Србија, ниту, пак, Србија за возврат ќе купува електрична енергија од земјава. Она за што се преговара, е размена – Србија да дава гас за електраната ТЕ-ТО, а потоа дел од произведената електрична енергија да се врати како компензација. Ако се постигне договор обврска е на Србија да го снабдува со природен гас ТЕ-ТО. Ние како држава имаме обврска ним да им обезбедиме електрична енергија. Јас сум повеќе од сигурен дека Србија, ја разгледува нашата понуда. Последната понуда е или 50-50 или 60-40 за нас – прецизира Бектеши.
Според него, доколку се реализира овој договор електричната енергија произведена во ТЕ-ТО што ќе остане за земјава ќе биде понудена на домашниот пазар.
-Тука се зборува за размена. Ние како држава имаме интерес да имаме природен гас со пониска цена, зошто, заради тоа што ќе имаме пониска цена и за топлинска енергија, а воедно и за електрична енергија која ќе можеме да ја понудиме на граѓаните. Ако не работи ТЕ-ТО, тогаш 100 проценти од парното во Скопје треба да биде произведена во топланите Исток и Запад, Енергетика и топланата Север која е во Чаир, а ако работи ТЕ-ТО тогаш 60 отсто од потрошувачката во целиот град се покрива со работа само на ТЕ-ТО и топланите треба да покриват само околу 40 отсто од тие потреби – појасни Бектеши.
ТЕ-ТО, додаде тој, работи само на природен гас, топланите работат и на гас и можат да работат на дизел.
– И сега и да се намалат трошоците за нас е интерес да работи ТЕ-ТО за топлинска енергија да не се зголеми цената, со пониски цени на природен гас и електричната енергија дел ќе им ја нудиме на Србија и дел ќе го користиме за нашите потреби, било тоа за потребите на индустријата, било тоа за други потреби, зборуваме за капацитет од 205 мегават час – посочи Бектеши.
Во однос на преговорите со Бугарија за набавка на електрична енергија за стопанството по пониска цена Бектеши појасни дека изминатите недели се водеа интензивни преговори со претставници од бугарска страна, а во разговорите беа вклучени и претставници од Европската комисија и Европската енергетска заедница.
– Од она што е договорено нашата земја има дозвола од Европската комисија за билатерални преговори со земји членки на Унијата. Во моментов се бара решение за легислативата во Бугарија која предвидува целата произведена електрична енергија во земјата мора да оди на берза, но тоа може лесно да се смени со одлука од Владата или со подзаконски акти. Доколку Република Бугарија ја прифати нашата понуда за откуп на електрична енергија по фиксна цена од 200 евра за мегават час, колку што може да поднесе нашето стопанство, можеме да постигнеме договор, но доколку тие инсистираат да плаќаме по цената која е на берза, нема да се согласиме и ќе продолжиме со нашите домашни капацитети – истакна Бектеши.
Јас, потенцира министерот за економија, нема да прифатам да плаќаме базна енергија за наредните седум месеци по цена која е моментално на берзите.
– Тоа е ставот на Владата, преговараме со бугарската страна за фиксна цена која ќе биде до крајот на април и не фиксна цена само во пикови, туку фиксна цена за 24 часа. Што значи тоа – ако цената е 200 евра, тие во ноќните часови ќе добијат 200 евра за мегават час, а има денови кога во ноќните часови електричната енергија не е повеќе од 100 евра, а во пикови во текот на денот може цената да стигне 400 или 500 евра, но тие пак ќе добиваат 200 евра – прецизира Бектеши.
Тој најави дека денеска со претседателот Стево Пендаровски се во Софија каде ќе одржат состанок со претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, и со претставници на Бугарија, на кој ќе биде презентирана оваа последна понуда од македонска страна, пред се поради фактот што цената на производство на електрична енергија во Бугарија е под 100 евра за мегават час, а во нуклеарниот реактор во Козлодуј е и под 50 евра.
Во однос, пак, на преговорите со Турција, Бектеши информираше дека имаме понуда за набавка на електрична енергија која е доставена до Стопанската комора со цена која е повисока од нивните барања кои се движат од 150 до 200 евра за мегават час.
– Но, проблемот е тоа што ниту една од заинтересираните компании не ни гарантира дека ако цената на пример би била 250 евра дека тие би ја купиле таа електрична енергија. Ако ние авансно плаќаме за 100 мегавати на електрична енергија по цена на пример од 250 евра и ако тука нашите компании не гарантираат дека ќе ја купат по таа цена тогаш целиот товар ќе падне на државата, и ние не можеме така да се однесуваме со буџетот на државата. Ако платат авансно, тогаш можеме да обезбедиме одредени количини, кажа министерот.
Во однос на очекувањата за цената на електричната енергија после нова година рече дека ако се реализира планот за производство од ЕСМ во последниот квартал годинава, како и планот за снабдување со разни енергенси со цени кои ги имаме моментално, тогаш нема да има зголемување на цените на електрична енергија, но ги повика граѓаните да штедат да струја за да се намали притисокот врз ЕСМ.