Пратеничката група на СДСМ и коалицијата до Собранието денеска поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој бараат намалување на данокот за електричната енергија од 18 проценти на 5 проценти и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5 проценти на 0 проценти.
Како што информира на денешната прес-конференција пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, со овие предлог-измени бараат системска реализацијата на две од седумте економски мерки на СДСМ.
-Намалувањето на ДДВ за електричната енергија ќе значи 13 проценти пониски сметки, односно поевтина струја за над 600 илјади домаќинства. За сметка од 3.000 денари, граѓаните ќе заштедат околу 400 денари – износ што, наместо да оди во државниот буџет, ќе остане во семејните буџети. Додека пак, укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи ќе донесе до поевтинување на храната, односно намалување на цените на основните прехранбени производи за 5 проценти- рече тој.
Битиќи нагласи дека и покрај тоа што со месеци Владата ветуваа мерки за намалување на цените, гледаме, како што рече, целосен дебакл на владините политики.
-Т.н. „антикризни празнични кошнички“ доживеаја фијаско. Најавеното замрзнување на маржите сè уште не е донесено! Додека Владата да реагира за цените на храната, граѓаните почнаа да плаќаат и повеќе за струја. Се формираше Министерство за енергетика, но минатата година тоа реализираше само 50% од планираните капитални инвестиции. Домашното производство на енергија не расте, што нè прави уште позависни од скап увоз. Во ноември, планираниот увоз на струја од соседните земји беше 0 гигават часови, но реално беа увезени 351,3 гигават часови. Истото се повтори во декември, кога планираниот увоз повторно беше 0 гигават часови, а се увезоа 425,7 гигават часови – рече тој.
Со поднесувањето на овој Предлог-закон по скратена постапка, како што потенцира Битиќи, започнуваме процес за системска реализација на мерките што директно ќе го олеснат финансискиот товар на граѓаните.
-Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина се грижи за животниот стандард, ќе го поддржи овој предлог. Секое одолговлекување значи нов удар врз семејните буџети. Секој глас „ЗА“ ќе биде глас за реални, опипливи решенија. Владејачкото мнозинство досега ја претвори скратената постапка во своја омилена политичка алатка – кога треба да се протурка закон за вонинституционално договорени партиските шеми. Но, денес, за првпат, им се дава можност да ја искористат оваа брза трака за нешто што навистина ќе го почувствуваат сите граѓани – за пониски сметки за струја и поевтина храна – рече пратеникот Битиќи.