За предизвиците, економските очекувања, но и за мерките што треба да се преземат во 2022 година говорат претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, и претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа

БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА И СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ ГИ СКИЦИРАА ПРИОРИТЕТИТЕ ВО НОВАТА ГОДИНА

Очекувањата за македонската економија, како мала и отворена, се дека светските тенденции не можат да нѐ одбегнат. Изгледите за 2022 година се многу неизвесни, поради очекувањата за раст на цената на струјата, на нафтените деривати, како и раст на цените на храната. Комбинирано негативно влијание врз економскиот амбиент во Македонија имаат многубројните нови соеви на ковид-19, кои се шират низ светот, и политичките случувања во земјава. За тоа какви се можностите за стопанството во такви услови, кои се предлозите и мерките за подобрување на економијата и како да се надминат најгорливите проблеми што и понатаму се надвиснати над неа, за „Нова Македонија“ зборуваат претседателите на најголемите стопански комори во земјава.

Бранко Азески

Неопходна е стратегија за енергетскиот сектор

Имавме тешка година, кризите станаа составен дел од нашите животи и работење, ова што во моментов го имаме беше над очекувањата, затоа што во такви услови да имаш вакви бројки е вистинско чудо и нормално дека тоа има своја цена и одраз брз буџетот. Ова се првите укажувања на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, поврзани со економските предизвици пред кои е исправена нашата земја во 2022 година.
– Продолжувањето на кризата ме прави да бидам помалку оптимист од секогаш. Тука морам да ја дополнам и политичката криза со која влеговме по локалните избори, што имаше силен одраз врз работењето на компаниите и создавањето подобар амбиент за стопанисување. Констатацијата на бизнис-секторот е дека треба да се стремиме кон намалување на трошоците, зголемување на приходите и мислам дека како држава треба да бидеме крајно внимателни. Но енергетската криза, која започна од средината на оваа година, како продолжение на кризата предизвикана од ковид-19, само го усложни и така сложениот економски амбиент во кој државата функционира уште од 2008 година и ги покажа слабостите на системот на државата – смета Азески.
Како што вели претседателот на СКСМ, без стратегија за енергетскиот сектор, без инвестиции во изминатите 30 години, во услови на лошо менаџирање и висока партизација во целиот изминат период, само се потврди фактот дека без сопствени енергенти или без континуирано и стабилно снабдување од увоз, стопанскиот развој на земјата е доведен под прашање.
– За нас како најголема и најзначајна бизнис-заедница најгорливите проблеми, кои треба брзо да се надминат, се борбата со сивата економија и корупцијата, со гасификацијата, поддршка на извозните компании и регулирање на процедурите за издавање на градежните дозволи, кои директно влијаат врз инвестициите. Тоа се четирите приоритети на кои ќе се фокусираме, а секако тука е и прашањето за оспособување кадри за потребите на бизнисот, кој ќе биде константно третиран во наредното десетлетие. Кога имаш економска, финансиска, здравствена, енергетска и политичка криза во исто време, акцентот се става само на едно – да преживееме. Ни се сугерираше и пред почетокот на пандемијата – хибернација, бидејќи никој не знае до кога ќе трае ова – посочува Азески.
Тој вели оти бизнисот констатира дека е клучно да се работи на намалување на трошоците, зголемување на приходите, раст на продуктивноста и поддршка на извозната активност на македонското стопанство.

– Да се биде во чекор со промените несомнено бара голем ангажман, визионерско размислување, како и соодветни технички и кадровски капацитети, за да се одговори на барањата и на потребите на компаниите-членки, кои од ден на ден се менуваат, во зависност од нивните приоритети и од моменталните барања на пазарот. За таа цел, во целосна функција е веќе концептот „Комора на иднината“. Во него приоритетите на бизнисот се дефинирани во три клучни групи на активности. Прво, традиционални коморски активности, второ, комората како консултант и трето, комората како врска помеѓу образованието и бизнисот. Тоа е концепт што подразбира целосна дигитализација на работењето, концепт на доживотно учење на раководните кадри во компаниите и на сервисот што е во рамките на стручната служба на комората – истакна Азески.
Тој посочува дека енергетската криза го плаши стопанството и кај нив алармот за ова бил вклучен уште на крајот на септември.
– Паралелно работиме на неколку иницијативи, кои мислиме дека делумно ќе можат да ја санираат состојбата, а како комора ги презедовме сите подготвителни постапки за да бидеме подготвени за предизвиците што следуваат. Очекувам новата влада да влезе похрабро во либерализација на електричната енергија и што повеќе субјекти да инвестираат. Очекуваме финансиски пакет мерки, разумни цени за енергијата произведена во државава, како и либерализација на пазарот за производство на електрична енергија. Сега е вистински момент секој инвестициски денар да оди за зголемување на капацитетите на енергетските производни капацитети во државата. Препорачувам агресивна и интензивна инвестициска клима во согласност со Законот за стратешки инвестиции и поддршка на приватниот сектор да инвестира во изградба на центри за производство на електрична енергија – потенцира Азески.

Трајан Ангелоски

Структурни реформи што позитивно ќе влијаат на економијата

Годината што завршува беше исклучително тешка и полна со предизвици што произлегуваа од здравствената криза, која се ефектуираше на сите полиња на општествено живеење, а особено на економијата, заради превентивните мерки што го ограничуваа и отежнуваа движењето на луѓе и стоки и кои неповратно ја променија сликата за одредени стопански гранки, истакнува претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски.
– Во годината што доаѓа ќе се соочуваме со последиците од нарушената рамнотежа на економските движења, а најголема опасност засега се гледа во енергетската криза, која очекуваме да ѝ зададе тежок удар на економијата со долгорочни последици. Енергентите играат многу важна улога во крајната цена на чинење на производите од, што, пак, директно зависи нивната конкурентноста при извозот. Високите цени на енергентите без преземени мерки за подобрување на енергетска ефикасност може да влијаат многу негативно на работењето на претпријатијата, односно може да предизвикаат нивно затворање доколку не се најде решение – посочува Ангелоски.
Тој смета дека во изминатиот период требало да се изградат стратегии и политики и да се преземаат конкретни мерки за подобрување на енергетската ефикасност, а, за жал, не се работело на тоа.
– Инфлацијата и неконтролираниот раст на цените исто така се голем проблем со кој се соочуваме, а кој ја намалува конкурентноста и ги осиромашува граѓаните. За развој на економијата се потребни структурни реформи, кои позитивно ќе влијаат на фактори од кои зависи долгорочниот раст. Очекуваме целосна реализација на капиталните инвестиции, кои ќе ja зголемат и продуктивноста, ќе ги подобрат трговскиот биланс и конкурентноста на економијата. Исто така и дигитализацијата е важен процес што треба да добие забрзана динамика во наредната година. Секако тука е и владеење на првото, одлучна борба со корупција, укинување на парафискалните давачки, како и сивата економијата, која им предизвикува сериозни штетни последици на регистрираните бизниси и на економијата – вели Ангелоски.

Неби Хоџа

Зголемување на капиталните инвестиции

Економската ситуација во која се наоѓа нашата земја е крајно незавидна, бидејќи по кризата со ковид-19, ситуацијата се влошува поради околностите што се создаваат од новопојавената криза со енергентите и тие создаваат дополнителни проблеми, вели претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.
– Ова го велам поради фактот што бизнисот во земјата претрпи големи штети последните две години и во моментот кога се очекуваше да почне зголемување на економската активност во домашниот пазар, зголемување на производството и извозот, на бизнисот му се врзани рацете бидејќи трошоците се енормно зголемени, а тие не можат ни да ги задржат вработените, а не да го зголемат обемот на работа – појаснува Хоџа.
Според него, 2022 година ќе биде предизвикувачки период за целото општество, бидејќи исто како со кризата со ковид-19, нарушувањата се случуваат од надворешни причини, а ние моментално немаме сила да се справиме, ниту да ги надминеме овие проблеми без да претрпиме штети.
– Нашата земја произведува околу 38 отсто од електричната енергија што ја користиме, што е далеку под просекот на земјите во ЕУ, кои произведуваат просечно 56 отсто од тоа што користат. Во овој правец, треба да се работи да се зголеми независноста за електрична енергија, користејќи го секој потенцијал за произведување и ова треба Владата да го воведе како среднорочен и долгорочен проект – укажува Хоџа.
Како што вели тој, во следниот период ќе треба да се работи во насока на поддржување на производните компании преку субвенции за електрична струја, воспоставување соларни панели и други системи што им овозможуваат на компаниите, но и на граѓаните да го намалат користењето на електричната енергија.

– Тоа што ќе треба во 2022 г. да направиме е да се надмине кризата со најмалку претрпени штети, а тоа најдобро може да се направи доколку бизнисот и синџирот на снабдување се помагаат. Исто така, Владата треба да ја има клучната улога, која ќе треба да прави ребаланс на првичниот буџет за 2022 година, во кој не се предвидени средства за борба против кризата со енергентите. Мислам дека оваа година ќе биде неизвесна што се однесува на економскиот аспект, па затоа институциите треба да соработуваат и да се консултираат со бизнис-заедницата, бидејќи така може да се надмине кризата со помалку штети. Наедно, ќе треба да се зголемат капиталните инвестиции, односно да се зголеми нивната реализација, бидејќи тие се инвестиции што придонесуваат кон побрз економски раст, но и факторизација на нашата земја во регионален, но и поширок круг кога станува збор за економијата – објаснува Хоџа.