Минатата година берзанското тргување со хартиите од вредност не помина добро, но во почетокот на 2023 состојбата на светските берзи изгледа малку поинаку, пооптимистички. Повеќето индекси, вклучувајќи ги Euro Stoxx 600 и оној на берзата во Хонгконг, остварија добар почеток на годината, каков што не е забележан во последните децении. Американскиот индекс S&P 500, кој се базира на широкораспространети обични акции на 500 компании, порасна за пет отсто
Веројатноста за глобална рецесија е намалена за приближно 30 отсто
До пред почетокот на 2023 година се веруваше дека падот на светската економија е неизбежен. Откако вредноста на доларот го достигна својот врв во октомври, неговата пазарна пондерирана вредност падна за седум отсто, што беше знак дека стравот од глобалната рецесија полека опаѓа.
„Добар ден за понискитецени на горивото – до гледање, рецесијо“
Со овој слоган и восклик на аналитичарите во банката ЈП Морган Чејс беа обележени првите знаци на заздравување на економијата во земјите од еврозоната (што се наведени во извештајот објавен на 18 јануари).
Во сличен контекст е и искажувањето на јапонскиот заемодавец „Номура“, кој ја ревидира својата прогноза за британската рецесија „на нешто помалку погубно од она што го очекувавме“!
Банката Ситигруп во своите најнови прогнози објави дека „веројатноста за целосна глобална рецесија сега е намалена на приближно 30 отсто, за разлика од претходната оцена од 50 отсто“, која беше проектирана во текот на втората половина од минатата година. Но, сепак, економистите реално ценат дека ова сѐ уште се „трошки на надеж“: Светската економија е послаба од периодот пред падот во 2020 година! Меѓутоа, впечаток на економските аналитичари е дека „инвеститорите ќе се задоволат и со ова“.
Аналитичарите реагираат и на „економските податоци во реално време“. Тие говорат за глобална рецесија уште од минатиот февруари (со почетокот на руско-украинскиот конфликт), но сега нивните процени се подобри од очекуваните.
Економските експерти, говорејќи на истата тема, сугерираат дека „не е лошо и економските редакции во медиумите да фрлат поглед на неделните процени на БДП од ОЕЦД, група претежно богати земји, кои сочинуваат околу 60 отсто од глобалното производство“. Имено, токму таму се забележува (мал) економски раст, а во средината на јануари неколку земји сѐ уште се мачеа да ја избегнат рецесијата.
Погледнато на глобално ниво, новите набавки во индустриското производство се зголемија благо во јануари, во согласност со растот на БДП од околу два отсто.
Различни економски индикатори што треба да се имаат предвид за целосно реална слика
Сепак, треба да се имаат предвид и други економски индикатори. Неодамнешните податоци за вредноста на малопродажбата и за индустријата во САД се под очекувањата. Во Јапонија нарачките за машини и опрема беа далеку послаби од прогнозите. Но по најниското ниво минатото лето, довербата на потрошувачите во земјите од ОЕЦД се зголеми. Во овој период се очекува да биде објавена официјалната процена за американскиот БДП во четвртиот квартал од 2022 година. Повеќето економисти очекуваа каков-таков задоволувачки раст, но поради глобалните нарушувања на пазарот, овие бројки ќе бидат помалку веродостојни од вообичаените.
Се чини дека ќе се задржат и пазарите на трудот. Во некои богати земји, вклучувајќи ги и Австрија и Данска, невработеноста расте – што е знак дека се наѕира рецесија. Секојдневно има најави од големи технолошки компании дека ќе отпуштаат работници. Сепак, технологијата зазема мал дел од вкупните работни места, а во повеќето земји невработеноста останува ниска. За среќа, во местата каде што побарувачката за работна сила опаѓа, работодавците ги повлекуваат огласите за работа наместо да отпуштаат луѓе. Откако го достигнаа историскиот максимум од повеќе од 30 милиони во почетокот на минатата година, непополнетите слободни работни места низ ОЕЦД се намалија за околу 10 отсто. Во меѓувреме, бројот на лицата што работат се намали за помалку од еден отсто.
Инвеститорите им посветуваат внимание на пазарите на трудот, но тие реално се загрижени од нивото на инфлацијата. Прерано е да се знае дали оваа закана помина. Во поразвиените земји „основната“ инфлација сè уште е 5-6 отсто на годишно ниво, што е многу повисоко отколку што централните банки сметаат дека е поволно. Меѓутоа, проблемот со инфлацијата повеќе не се влошува. Во Америка основната инфлација се намалува, како и бројот на малите фирми што планираат да ги зголемат цените. Вториот показател се јавните инфлациски очекувања меѓу државите, што се користи од истражувачите на Банката на федерални резерви на Кливленд, фирмата за податоци „Морнинг консалт“ и Рафаел Шенле од универзитетот „Брандејс“, што исто така се чини дека е во опаѓачки тренд.
На кои индикатори се темели оптимизмот за одржлив развој на светската економија
Постојат два фактора што објаснуваат зошто глобалната економија се одржа подобро од очекуваното: цените на енергијата и финансиите на приватниот сектор. Минатата година цената на горивото во развиените земји се зголеми за над 20 отсто, а во некои земји во Европа и до 60 отсто. Економистите очекуваа цените на енергијата да останат високи и во 2023 година, а со тоа да ги загрозат енергетски зависните сектори, како што е тешката индустрија. Но тие не беа во право. Помогнати од невообичаеното топло време, компаниите се покажаа пофлексибилни кога станува збор за справувањето со високите трошоци. Во ноември, германската потрошувачка на индустриски гас беше 27 отсто помала од нормалната, но сепак индустриското производство беше само 0,5 отсто намалено во однос на претходната година. И во текот на Божиќ европските цени на природниот гас паднаа за половина до нивото што беше забележано последен пат пред руско-украинскиот судир.
Финансиската сила на приватниот сектор, исто така, имаше свое влијание. Земјите од Г7 имаат „вишок“ заштеди, односно тие се над она што би очекувале да го акумулираат во нормални времиња. Околу три трилиони американски долари (или околу 10 отсто од годишните потрошувачки трошоци) беа акумулирани преку комбинација на помош за справување со пандемијата и помалите трошоци во 2020-2021 година. Како резултат на тоа, иако кварталните приходи на компаниите во Америка сугерираат дека трошењето паѓа, тоа не е толку високо. Потрошувачите можат да ги издржат повисоките цени и повисоките трошоци за кредит. Бизнисите, пак, сè уште седат на големи купишта пари. А малкумина се соочуваат со големи отплати на долгот во моментов: 600 милијарди долари корпоративен долг деноминиран во долари ќе достаса оваа година, во споредба со 900 милијарди долари што достасуваат во 2025 година.
Дали економските показатели можат да ги надминат очекувањата? Постојат докази, вклучувајќи и во неодамнешниот труд на банката Голдман Сакс, дека најтешкото повлекување од заострената монетарна политика се случува по околу девет месеци. Навистина, финансиските услови почнаа да се заоструваат пред девет месеци. Ако важи оваа теорија, тогаш економијата наскоро би можела да биде на посигурна основа, дури и кога повисоките стапки се подјадуваат од инфлацијата.
Кина е уште една причина за оптимизам
Иако отстранувањето на домашните ограничувања за ковид-19 ја забави економијата во декември, бидејќи луѓето се криеја од вирусот, укинувањето на политиката на нулта ковид на крајот ќе ја зголеми глобалната побарувачка за стоки и услуги.
Централните банки треба да поминат долг пат пред да бидат сигурни дека инфлацијата е под контрола, особено со повторното отворање на Кина, што ги зголемува цените на суровините. Показателите за Америка што гледаат напред стануваат помрачни. Дополнително, економијата е на работ на рецесија, а состојбата станува непредвидлива. Откако луѓето ќе почнат да губат работни места и да ги намалуваат трошењата, тешко е да се предвиди длабочината на падот. А клучна лекција од последниве години е дека ако нешто може да тргне наопаку, тоа често и се случува. Но, сепак, убаво е да се има трошка надеж.