Фото: МТСП

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска, во Владата, се сретна со претставниците на координативното тело за протести на пензионерите. Рече дека Владата има слух за сите граѓани во државата и дека одржувањето на денешната средба, како и претходната во Министерството за труд и социјална политика, се потврда за тоа.

Таа истакна дека веднаш по одржаната средба во Министерството, е формирана и работна група со номинирани членови на сите засегнати страни, како и дека таа работна група редовно одржува состаноци на кои се разгледуваат сите пристигнати барања и предлози од здруженијата на пензионерите, Партијата на пензионерите и Сојузот на пензионерите на Македонија.

– Работната група работи на креирање краткорочни и долгорочни мерки за пензионерите. Повторно, како и претходната година, ќе бидат креирани антикризни социјални мерки како краткорочно решение и се работи на измени на Законот за пензиското осигурување, со кое ќе се обезбеди повисока минимална пензија. Тоа е системско решение како и претходното со усвојување на новата методологијата за усогласување на пензиите, со која се обезбедува постојан раст на пензиите – истакна Тренчевска.

Министерката додаде дека преку методологијата пензиите за нецели две години пораснале речиси 24 отсто, а притоа, како што нагласи таа, се обезбедуваат и стабилност на пензискиот систем и редовна исплата на пензиите. Работната група кога ќе ги финализира предлозите ќе ги достави до Владата на усвојување и за тоа ќе биде известена јавноста, рече Тренчевска.