Фото: христијан Мицкоски/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски кој во наредните неколку дена ќе биде во работна посета на САД, каде ќе присуствува на инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Вашингтон, денеска имаше средба со Крис Павловски сопственик на Рамбл компанијата каде дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД и ЏД Венс потпретседател на САД, како дел од новата администрација на претседателот Трамп.

– Директно од аеродром на состанок…, во Вашингтон имав исклучително продуктивен долг состанок со мојот пријател Крис Павловски сопственик на Рамбл компанијата каде дел од акционерската структура се и Хауард Лутник, новиот министер за економија на САД и ЏД Венс потпретседател на САД како дел од новата администрација на претседателот Трамп. Капиталот на Павловски од Форбс е проценет на 1.2 милијарди долари – напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.

Тој додава дека на состанокот се разговарало за инвестиции на Рамбл во Македонија во делот на дигитализацијата.

-Имајќи предвид дека Крис има македонско потекло, Македонија е тема која е секогаш дел од нашите разговори, зборувавме за предизвиците кои се дел од сегашноста, но и иднината. Се бориме за напредок и иднина на нашите граѓани и татковината – вели Мицкоски.

Премиерот на инаугурацијата ќе биде придружуван од министерот за надворешна политика и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вицепремиерот и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.