На одржаната редовна седница на Советот на Народната банка беше донесен Циркулар за финансиските институции за следење и примена на препораките и добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор на Македонија.
Имено, Народната банка преку донесениот циркулар воспоставува добри практики во поглед на заштитата на потрошувачите корисници, залагајќи се за правични и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги даваат. При изготвувањето на овој циркулар се користени меѓународни стандарди, европски директиви и практики во овој домен, имајќи ги предвид карактеристиките на банкарскиот систем и банкарската регулатива кај нас.
Циркуларот предвидува одредби за понатамошно подигнување на корпоративната култура и вредности кај банките коишто се фокусираат на правичен и еднаков третман кон клиентите. Исто така, предвидени се одредби и за воспоставување практики за обезбедување соодветни совети и препораки за потрошувачите, засновани на финансиските цели, потребите и знаењето на секој потрошувач, земајќи ја предвид сложеноста на финансиската услуга или производ и ризиците поврзани со нив. Значаен аспект на заштитата на потрошувачите е и достапноста до јасни, релевантни и навремени информации за финансиските услуги и производи, па со Циркуларот се дефинираат и практиките во овој домен. Значајни одредби во Циркуларот се посветени и на поставувањето добри практики поврзани со ракувањето со поплаките од клиентите, при што се очекува дека финансиските институции ќе го унапредат системот за ефективно ракување, како и дека навремено и праведно ќе постапуваат во врска со поплаките на потрошувачите.
Практиките опфатени во Циркуларот имаат за цел да поттикнат воспоставување високи стандарди на одговорно и професионално однесување во финансиските институции кон клиентите и градење култура каде што интересите на потрошувачите се составен дел од деловните стратегии и работењето на финансиските институции.
На истата седница, Советот ја потврди висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките кон клиенти од земјата во висина од 0,75%, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2024 година. Одлуката се темели на редовната квартална оцена на системските ризици за четвртиот квартал на 2022 година, којашто потврди дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и отпорен на шокови. Истовремено, се задржани и оцените за постепено зголемување на цикличните системски ризици, во услови на продолжена неизвесност, вклучително и на пазарот на недвижности. Во вакви услови, кога ризиците сѐ уште не се одразиле врз билансите на домашните банки, со противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за јакнење на капиталната сила на домашните банки, со што се јакне и стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, а со тоа и на севкупната финансиска стабилност.
На седницата на Советот беше усвоен и Извештајот за управувањето со оперативните ризици на Народната банка на Македонија за 2022 година. Основната цел на овој извештај е да се презентираат резултатите од длабинската процена на оперативните ризици за 2022 година. Управувањето со ризиците е неопходен елемент на доброто корпоративно управување коешто придонесува за ефикасно и ефективно остварување на поставените стратегиски цели, мандат и визија.