Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој со владина делегација е во посета на Обединетите Арапски Емирати, објави дека се договараат летови со Ер Арабија.
Николоски вели дека туризмот, инфраструктурата и образованието се секторите на соработка на кои се фокусираат.
-Имаме бројни средби ќе потпишеме неколку договори за економска соработка. Зборуваме и за директно спојување, веќе имаме договор со Флај Дубаи за лет Дубаи – Скопје кој наскоро треба да започне, а зборуваме и со Ер Арабија за отворање на најмалку два лета од кој еден се надевам дека ќе биде кон охридскиот регион со што дополнително би се развил туризмот – изјави Николоски.
Делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицскоски денеска реализирала средби со бизнис коморите во емиратите Шарџ и Дубаи.
– Зборуваме за можностите за инвестиции во Македонија во делот на инфрструктурата, туризмот, во делот на земјоделието. Зборуваме за големите можности што ги носи туризмот во Македонија и планинскиот и езерскиот. Исто така за коридорите 8 и 10 кои се значајни за поврзување за цела Европа, не само за Македонија, ги презентираме пред стопанските комори во Обединетите Арапски Емирати како начин да привлечеме инвеститори во Македонија. Исто така и политичкиот дел на посетата е исклучително значаен, имавме ислучително добра средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, во текот на утрешениот ден ќе имаме средба со премиерот, а денеска на ниво на министри ќе бидат потпишани неколку значајни договори за економска, образовна и туристичка соработка, што ќе придонесе за уште побрз развој – рече Николоски.
Со овие средби, вицепремиерот, се надева дека ќе се привлечат инвеститори во Македонија, ќе се отворат нови добро платени работни места и државата може да напредува.
Владината делегација ја почна официјалната посета на ОАЕ вчера со средба со претседателот на ОАЕ и владетел на Емиратот Абу Даби, Шеикот Мухамед Бин Зајед Ал-Нахјан. Предвидени се средби и со шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум, владетел со Дубаи, потпретседател и премиер на ОАЕ, со претставници на развојниот холдинг на Абу Даби, со државната „Мубала“ инвестициска компанија, како и „Масдар“ државната енергетска компанија, и на неколку стопански комори, со цел разгледување на можности за соработка во инфраструктурни проекти, инвестиции во агро-бизнисот, обновливи извори на енергија, туризмот, иновации и современа технологија.
Во состав на делегацијата се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, како и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Гоце Димовски, националниот координатор за туризам Аккан Махмут и претставници на неколку државни институции.