Фото: Игор Бансколиев/Илустрација

Кога ќе престане ценовното лудило и какви се прогнозите за животниот стандард на граѓаните и македонската економија, се главните прашања што ја преокупираат домашната јавност откако денеска престанаа да важат дел од антикризните мерки што Владата ги воведе во март, со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Свое видување на состојбата и очекувања дадоа економските експерти, проф. д-р Борче Треновски, проф. д-р Мирољуб Шукаров и генералот во пензија Митре Арсовски.

Согласно сите прогнози на меѓународите финансиски институции, објаснува д-р Борче Треновски, професор на Економскиот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, позначајно намалување на цените на примарните производи ќе почне во последниот квартал на оваа годината, значи од октомври, а до средината на идната година ќе се минимизира ценовното лудило.

– До последниот квартал од годината економијата ќе се приспособи на новите состојби и ќе почне благо намалување на цените. Според прогнозите инфлацијата во 2023 година ќе биде и под 5 проценти. Но мора да потенцираме дека станува збор за прогнози. Доколку заврши побрзо војната во Украина сето ова ќе биде побрзо, тоа би било позитивна можност – вели проф. Треновски.

Проф. д-р Борче Треновски/Фото: НБРМ

Тој апелира медиумите да бидат внимателни во пренесувања на вестите за цените и поскапувањата, зашто и паниката влијае на нив.

– Поради паника се прави притисок и страв, имаше нагло зголемена побраувачка на стоки и поради тоа се зголемуваа цени. Мора да се внимава да не се прави паника, зашто ние сме увозно зависни – вели професорот.

Додава дека не смее нагло да се излегува од антикризни мерки.

– Креаторите на политиките мора да ја објаснат целата приказна на граѓаните, досега нема изјава ниту најава за нова мерка или за она што би се правело. Ситуацијата мора да се елаборира, за да знаат граѓаните на што се – додава проф. Треневски.

Универзитетскиот професор Мирољуб Шукаров истакнува дека е тешко е да се дадат прогнози за економијата во невообичаени услови на војна и на пандемија, но оти поскапувањето веќе во голема мера се одразува на цените на егзистенцијалните производи и не може да се спречи со владините мерки.

– Никој не може да даде прогноза што ќе се случува со економијата во вакви ненормални, полувоени услови. Станува збор за последици од неколку состојби во кои спаѓааат војната во Украина, пандемијата на ковид-19 и кинењето на синџирите на снабдување во глобални рамки. Поскапувањето веќе во голема мера се одразува на цените на егзистенцијалните производи, при што треба да дојде до заштита на тарифираните цени. Примарните причини за ваквата состојба не се економски, туку преминуваат во политички и социјални и тие не можат да се лечат со владините мерки. Нема волшебно стапче за решавање на проблемите. Се надевам дека нема да дојде до рационирано снабдување што би претставувало големо назадување, кое би можело да има и политички последици – смета Шукаров.

Проф. д-р Мирољуб Шукаров/Фото: Принт-скрин

Генералот во пензија Митре Арсовски смета дека долго време ќе имаме ценовно лудило.

– Во неизвесност сме додека врие во Украина и се пука. Нема волја кај Европа да се преземат соодветни мерки. Ако сакаа, на пример, житото да се извезе од Украина, ќе најдеа начини за тоа. Има територии во Украина кои не се воено-зафатени. Сега на сцена е вербалната војна, таа уништува сè.  Кај нас секоја мерка мора да е детално објаснета и да има корист од неа. Премногу „ќе“ слушаме. Од влага не се живее и ако вака продолжи народот е близу до катастрофа – вели Арсовски.

Митре Арсовски/Фото: АРМ

Од денеска престанаа да важат дел од антикризните мерки што Владата ги воведе во март со цел ублажување на последиците од енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните. Основните прехранбени продукти повеќе нема да се продаваат со нула проценти ДДВ, а од денес се враќа и ДДВ-то за бензините на 18 проценти.

Од полноќ по нова, зголемена цена веќе се продаваат горивата. Цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари за литар, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Според новите цени, Еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, Еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.

По информацијата за зголемување на цените на нафтените деривати вчера во попладневните часови беа забележани редици од возила пред бензинските пумпи, при што граѓаните брзаа да наполнат гориво по стара цена. Речиси и да немаше бензиска станица без редици од автомобили.

По метежите кои претходните денови се случуваа во многу маркети, рано утрово тие беа прилично празни. Но празни беа и многу од рафтовите. Во дел од маркетите нема брашно, сончогледово масло за јадење и ориз, а во некои има само мали количества од нив. Немаше ниту многумина купувачи, но во повеќето продавници има растрчани вработени кои примаат продукти, ги редат и поставуваат цени. Има и производи за кои сѐ уште не е обележана цената, па не може да се купат.

Доколку не сте ги следеле цените за конкретни производи во конкретни маркети може и да се збуните дали нешто е поскапено и за колку. Така, додека се стави ред, од производите за кои има цена, сончогледовото масло за јадење во поголемите маркети во Скопје се продава од 149 до 189 денари, зависно и од производителот. Цената на белиот леб се движи од околу 35 до 49 денари, пакување шеќер (900 грама) се нуди за 55 до 61 денар, а пастеризираното млекото со 3,2 проценти масленост од различни производители 49 до 65 денари. Едно јајце се продава од 7,9 до 9,2 денари, сол од 19 до 27 денари, ориз од 45 до 55 денари. Кравјото сирење, зависно од производителот се продава од 246 до 329 денари за килограм, кравјиот кашкавал од 330 до 435 денари, а урдата од 117 до 170 денари за килограм. Н.Б.З./М.Ж.