Фото: Игор Бансколиев

Без продолжување на владините мерки, Македонија ќе увезува суровини со царина, а има земји од регионот што воопшто немаат царини за увоз на суровината – замрзнато свинско месо за преработки, па така нивните производи ќе стигнат поевтини во нашата земја. Ако кај нас увозните царини за замрзнатото свинско месо за преработки е од 20 до 40 отсто, во Србија е од 6 до 9 отсто, а во Црна Гора и во Босна и Херцеговина е нула, што значи дека не е исклучено пренесувањето на производството во друга земја. Преработувачите алармираат дека сувомесните производи ќе бидат поскапи за износот на царината на суровината, која е од 20 до 40 отсто, но предупредуваат и за затворање на капацитетите или нивно селење во соседството

Состојбата со увозот на смрзнато месо за домашните преработувачки капацитети – сосема различна од времето на нејзиното воведување

Мерката за бесцарински увоз на замрзнато месо за преработки истече на 5 јуни, а сопствениците на фабриките од месната индустрија велат дека немаат сигнали од Владата за нејзино продолжување во иднина. Преработувачите алармираат дека сувомесните производи ќе бидат поскапи за износот на царината на суровината, која е од 20 до 40 отсто, но предупредуваат и за затворање на капацитетите или нивно селење во соседството.
Членките на Групацијата за производство на месо и преработки од месо, како дел од Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија, на последниот одржан состанок ѝ предложија на Владата да го растовари стопанството од политика и да не носат мерки што честопати се штетни за стопанството, а и негативно влијаат на полнењето на буџетот.
– Претставниците на месната индустрија и досега постојано укажуваа дека со важечките царински давачки оваа индустрија беше ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сѐ оние од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи однадвор влегуваат во земјата со 0 отсто царина, додека домашните преработувачи, при увоз на суровина плаќаат царина во висина од 20 до 35 отсто. Ова уште повеќе ќе биде нагласено со функционирањето на „Отворен Балкан“. Во такви услови, ќе дојде до затворање на домашните капацитети или евентуално селење на производството во соседството. Доколку сакаме да опстане домашната месна индустрија, потребно е ослободување од царинските давачки по примерот на други преработувачки индустрии што користат увозни суровини – нагласуваат од Групацијата.
Оттаму велат дека Владата пред три години во редовни економски услови го согледа овој проблем со кој се соочуваа домашните преработувачи и помогна со тоа што воведе мерка ослободување на 50 отсто од царината од потрошената увезена суровина. Taa мерка во овој период беше редовно продолжувана на секои шест месеци.

– Но со последните два сета економски мерки што ги донесе Владата, и покрај одредени укажувања и барања од индустријата, таа не беше опфатена, со што изостанаа позитивните ефекти кај домашните преработувачи на месо. Истовремено, цените на суровините на светската берза во изминатиот период се зголемија за 20-30 отсто, што неминовно доведе до поскапување на домашните месни преработки. Во исто време, цената на превозот се зголеми за 20 отсто, додека, пак, електричната енергија за правните лица што купуваат на слободен пазар за 100 отсто. И додека на домашниот пазар влегува готов производ (пред сѐ од земјите на ЦЕФТА) со 0 отсто царина, замрзнатото свинско месо како суровина (кое не се произведува кај нас) и натаму подлежи на царински давачки – укажуваат надлежните од групацијата.
Од друга страна, како што велат тие, по последните случувања во Украина и по затворањето на европските земји за испорака, пред сѐ на суровини, но и на готови производи, домашните производители се соочиле со неможност за максимално искористување на мислењата и за увоз на договорените количества замрзнато свинско месо за преработка.
– Со ова дополнително се усложни работењето на домашните компании, наместо да се овозможи поголема предвидливост и планирање при набавката на суровина и при производството. Во согласност со податоците за искористеноста на мерката, доставени од компаниите, во целост или, пак, во највисок процент ја искористиле големите и водечки компании, кои се, наедно и двигатели на оваа индустрија во земјата. Наспроти нив, мал е процентот на искористеност кај малите компании, а во меѓувреме две од нив беа принудени да ги затворат своите производствени капацитети. Сега, во овие исклучително тешки услови предизвикани најпрво со пандемијата, а сега и со воените дејства во Украина, дополнително придружени со енормни зголемувања на цените на енергентите и суровините во овој сектор, продолжувањето на оваа мерка е најмалку што Владата треба да го направи за да ѝ се даде шанса на месната индустрија да преживее – потенцираат оттаму.
Од групацијата велат дека бараат еднакви услови за работа како во регионот за да може да бидат конкурентни, но и за да не се случи преселување на наши компании во други земји.

– Без продолжување на мерката, ние ќе увезуваме суровини со царина, а има земји од регионот што воопшто немаат царини за увоз на суровината – замрзнато свинско месо за преработки, па така нивните производи ќе стигнат поевтини во нашата земја. Ако кај нас увозните царини за замрзнатото свинско месо за преработки е од 20 до 40 отстои, во Србија е од 6 до 9 отсто, а во Црна Гора и во Босна и Херцеговина е нула. Ако мора да се бара решение, не е исклучено пренесувањето на производството во друга земја. Може погонот да биде непосредно преку граница, ама сепак да не биде кај нас. А тоа е загуба за целата држава. Тоа се случи со одредени производствени погони од Хрватска што се преселија во Босна и во Црна Гора – истакнуваат од месната преработувачка индустрија.
Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, вели дека во моментов ситуацијата со увозот на смрзнато месо за преработувачките капацитети е сосема друга во однос на времето на нејзиното воведување и дека тука се вклучија и други моменти што може значајно да ја сменат ситуацијата. Тој споменува дека конфликт што се случил меѓу две земји големи произведувачи на храна и санкциите од темел го разурнаа она што се вика економско работење, а со тоа долго прокламираната глобализација.
– Во тој сет нелогичности, може да издвоиме неколку што покрај укинување на мерката за бесцарински увоз би влијаеле на цената на замрзнатото месо и следствено на тоа и на цената на прехранбените производи. Прво храната за товење на животните, првенствено пченка и јачмен, која е драстично покачена, без разлика дали се работи за вистински недостиг (Украина е премногу мал производител) или за шпекулации на алчните трговци и воени профитери, кои во ова на вештачки начин се збогатуваат на сметка на сиромашните, потоа покачување на енергентите, струјата, нафтата, гасот, кои се потребни во производството и транспортот на храната за товениците, а потоа и за преработките од нив – објаснува Станковски.
Следно е, како што додава тој, ефектот на затворање на државните економии во самите себеси, кои со забрани за извоз на одредени производи (страв од воен судир од поголеми размери) ги зачувуваат производите за извоз за извесен период, па тие по инерција добиваат повисока цена на берзите и на крајот се царинските давачки, кои се фиксни и не зависат од никого во светот, туку од наша влада и од тоа дали таа ќе ги постави или не, ние ќе знаеме дали нашиот извоз на месни преработки ќе биде конкурентен или не.

– Во сета оваа ситуација, најмногу би сакал да профитира домашната производна индустрија за товење, нашите фарми за свињи и телиња, а со тоа и да станат во голема мера независни и економски цврсти. Сметам дека најдобар излез е посветување на своето производство на жита, а кој потоа ќе ни донесе независност во производството на месо, млеко, а на крајот и доволни количества месо за преработувачката индустрија – посочува Станковски.