Фото: Игор Бансколиев

Од Владата се оптимисти дека идната недела ќе се забележат резултатите од мерките што ги презедоа за да им помогнат на производителите и на трговците. Граѓаните, пак, засега се разочарани, а некои се и со негодувања

Да купам торта за роденден или килограм кашкавал? Ваквите шеги сè уште се актуелни и имаат смисла, зашто и по повеќето најави и од власта и од производителите и трговците, цените на основните прехранбени продукти никако да паднат. Намалени се некои видови масла за јадење во одредени маркети, неколку типа леб. Но и тоа намалување е само симболично, а не како што се најавуваше до 10 и повеќе проценти. Другите производи остануваат со високи цени како што беа, а на некои дури и се зголемуваат. Од Владата се оптимисти дека идната недела ќе се забележат резултатите од мерките што ги презедоа за да им помогнат на производителите и на трговците. Граѓаните, пак, засега се разочарани, а некои се и со негодувања.
Повеќе од десет дена 187 компании од прехранбената индустрија произведуваат производи користејќи струја со повластена цена. Владата ја најави оваа мерка како нешто што ќе ги намали екстремно покачените цени на храната. И инспекциите покажале дека во првата недела од мерката таа не носи резултати. Производителите се правдаат дека овие производи се направени од суровини што се набавени пред 1 декември и мерката за повластена струја, па затоа цените сѐ уште не се намалени.

Резервите се изговор, премногу им се дозволува

– Аргументот што го користат производителите е за резервите. Сите велат дека за еден месец ќе им се потрошеле резервите. Тоа не држи како аргумент зашто е неможно сите фирми за сите производи да имаат резерви за еден месец. Тој аргумент е изговор за да се искористи што е можно повеќе профит. Не може за сите производи да има униформен стандард кога им завршуваат резервите. Гледам преголемо попуштање на власта во однос на капиталистите. Ако државата субвенционира, таа ги утврдува правилата. Ако тие барале субвенции, власта морала да знае дали ќе важи намалувањето од први ноември или од први декември. Власта кажа првично дека од први ноември ќе се намалат. Сега ќе испадне дека резервите не им се потрошени до први јануари – вели Здравко Савевски, доктор на политички науки, синдикалец и активист.
Владата, објаснува тој, дозволува преголема и недозволива флексибилност, а тие пари со кои се субвенционирани се од даноците.
– И секогаш е така, тој што дава субвенции ги утврдува правилата. Оваа извртена логика кај нас има друга цел, а тоа е остварување профит на туѓа мака – додава Савевски.

Проширени маргините на маржите

Во одредени маркети цената на маслото за јадење падна во однос на септември, кога просечната цена му беше 130 денари. Цената на брашното, пак, се движи по нагорна линија, па ако во септември за килограм брашно граѓаните требаше да одвојат 36 денари, сега тоа изнесува 42 денари. За килограм мелено месо треба да се одвојат најмалку околу 350 денари, што е исто поскапување во однос на септември кога цената за килограм изнесуваше од 250 до 340 денари. Цената на свинското и говедското месо приближно е иста како минатите месеци, па за килограм свинско граѓаните треба да издвојат од 350 денари до 600 денари.
– Ги споредував цените од јуни лани и денес во иста продавница од ист производител. Така, килограм месо од свинска плешка е покачено за 62 проценти, од свински ребра за 64 проценти, од бут за 60 отсто. Кашкавалот „едамер“ е со цена повисока за 233 проценти, а мешаното сирење за 90 отсто. Добија производителите владина помош, колку и да поскапе сето она што го користат во производство, мене ова ми личи на воено профитерство – вели револтирано Марјан Стојановски од Скопје, кој има и писмени прибелешки на неговиот домаќински компаративен приод кон пазарлакот за домашните потреби.

Не може сите исто да поевтинат

Ангел Димитров од Организација на работодавачите на Македонија вели дека очекувањата ги поматила несреќна изјава со која се кажа дека кога одредени производители ќе влезат на регулираниот пазар на струја цените ќе паднат за 10 проценти.
– И фирмите имаат образложение. Колку ќе паднат цените зависи од тоа колкав процент зазема енергентот во нејзиното формирање. Ако е голем уделот, помало е намалувањето. Работата е да се почитуваат законите што се донесени, а овде се работи за договор меѓу Владата и бизнисот. Тие наеднаш излегоа со несреќна изјава дека ако влезат на регулиран пазар за 10 отсто ќе се намалат цените. Не може да кажеш фиксен износ и тоа да биде во ред. Мислам дека и тоа влијае на незадоволството – вели Димитров.

Бектеши оптимист, граѓаните со нетрпение го очекуваат остварувањето на тој
оптимизам

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека цените на основните прехранбени производи ќе почнат да се намалуваат од следнава недела, кога ќе бидат потрошени резервите што ги имаат во магацините и кои се набавени по повисока цена.
– Во нивните магацини имаа резерви на производи и домашни производи што користат дистрибутер и производи што се увезуваат во нашата држава. Тие резерви се набавени со различни цени. Новите резерви се набавуваат со други цени, кои се пониски од претходните, што значи дека претходните резерви треба да се потрошат. Најверојатно ќе се потрошат оваа недела или на почеток на наредната недела, по што ќе се забележи дека ќе има намалување на цените на тие производи во синџирите на супермаркетите – изјави Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој повтори дека очекуваат намалување на цените од 7 до 12 отсто, но додаде дека тоа не е возможно да се случи моментално.

Биљана Стојановска
Наташа Бошковска-Златкова