Фото: МИА

Пратеничката група на Бугарската социјалистичка партија испрати писмо до претседателот Румен Радев во кое бара да стави вето на законот за ратификација на договорот за обезбедување оружје на Украина, објави нејзиниот прес центар.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Народното собрание вчера конечно во второ читање го усвои предлог-законот за Договорот меѓу министерствата на Бугарија и Украина за обезбедување на вооружување, опрема и муниција. По гласањето со повеќе од 160 гласови од вкупно 240, претседателката на БСП Корнелија Нинова го повика бугарскиот претседател Румен Радев да стави вето на законот. Таа истакна дека она што го изгласа парламентот ги намалува овластувањата на Народното собрание и е во спротивност со бугарскиот устав, бидејќи министерот за одбрана Димитар Стојанов потпиша договор дека анексите кон него не се предмет на ратификација од парламентот.

БСП бара од Румен Радев да стави вето бидејќи потсетуваат на неговите јавни изјави дека бил против вмешаноста на Бугарија во војната во Украина.