фото: Пиксабеј

„ЖРСМ – Инфраструктура“ во целост стои на располагање на државата за транспорт на големи количества на јаглен или друг тип на енергенси, потребни за справување со оваа енергетска криза, изјави директорот на ова јавно претпријатие Хари Локвенец.

– Пред неколку дена со мојот колега од „ЖРСМ – Транспорт“, Мајан Вејсели имавме состанок со колегите од „Грчките железници“ и директорот на „Солунското пристаниште“. Добивме не само уверување, туку направивме и процедури и протоколи како да одговориме на потребите од потенцијална потреба од зголемен транспорт на стоки, во конкретниот случај разни видови енергенси. Меѓутоа, во исто време го отворивме и прашањето за отворање на граничниот премин и железничкото поврзување со Република Грција, преку Битола и Кременица – изјави Локвенец на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање дали „ЖРСМ – Инфраструктура“ се подготвени да помогнат логистички во справувањето со енергетската криза.

Тој информира дека македонската страна во целост ги има завршено своите обврски во делот на пругата, а добиено е и ветување од страна на „Грчките железници – Инфраструктура“ дека во најбрзо време ќе го завршат својот дел од обврските, за да може да се користи оваа железничка линија.

– Оваа линија, ни е бајпас, резервна линија на Коридорот 10. Во случај на одредени оштетувања на делот помеѓу Велес и Гевгелија, ние би можеле Коридорот 10 да го бајпасираме преку оваа линија Битола-Кременица-Лерин, па до Солун, и од друга страна нам стратешки исклучително ни е важно – потенцијалната достава на јаглен до РЕК „Битола“ да ја реализираме преку овој граничен премин – појасни директорот на „ЖРСМ – Инфраструктура“ Хари Локвенец.