Фото: Влада

Оваа есен, зима, следната пролет се најтешки во повоената македонска држава и ние тоа ќе го пребродиме заедно, соопшти премиерот Димитар Ковачевски, по завршување на седницата на Советот за безбедност, на кој главна точка беше енергетската криза. Тој нагласи дека треба да се подготват сите ресурси на државата за максимално производство на сопствена енергија и тоа ќе биде целта на Владата во претстојниот период.
Како што рече Ковачевски, ова е одлуката од последната седница на Советот, која ја поддржале сите присутни, а целта е во најтешкиот период, кој почнува на 1 октомври и ќе трае до април 2023 година, па и понатаму, до почетокот на летото, на сите граѓани, ученици, студенти, средни, мали и микробизниси да им се обезбеди најниска можна цена на струјата, како и снабдување со топлинска енергија по сегашната цена, со задржување на евтината тарифа и 24-часовна достапност.
Ковачевски напомена дека планот за производство на ЕСМ годинава ќе се зголеми за 25 отсто.
Претходно, претседателот на државата Стево Пендаровски нагласи дека го свикал Советот за безбедност зашто сметал дека е важно да се слушнат сите надлежни за темата што ги засега сите.
– Не е тајна дека нѐ очекува тешка зима. По пандемијата, сега сме соочени со голема енергетска и економска криза. Премиерот и членовите на Владата информираа за анализите и проекциите за претстојната сезона, за чекорите што досега се преземаа во однос на ескалирањето на цената на струјата, како и за мерките што ќе се поддржат за поддршка на домаќинствата и бизнис-секторот – рече Пендаровски.
Седницата се одржа во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, а на неа, покрај членовите на Советот за безбедност, присуствуваше и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и министрите за финансии Фатмир Бесими и за економија Крешник Бектеши.