Фото: Игор Бансколиев

Наспроти најавата за либерализација на пазарот на трудот, сѐ уште е неизвесно како ќе биде отворена вратата за странските работници што би работеле во домашните компании, кои се жалат на недостиг од работници. Од Владата засега не се одлучуваат да го направат конкретниот потег, што би значело и зголемување на т.н. квота за странски работници, која сега е утврдена на 5.000 лица на годишно ниво

Ангажирањето на странските работници со многу непознати

Во јавната дебата што беше иницирана за прашањето на увозот на работници, недостигаат суштински информации за тоа како би се одвивал целиот процес за „спасување“ на домашните компании, претежно од градежништвото, преработувачката индустрија и хотелиерството. Нејасно е како ќе се бараат работници од странство, дали тоа ќе го прави државната агенција за вработување, приватните агенции за посредување при работа или приватните компании, колку ќе бидат и како ќе се пресметуваат давачките за нив по различни основи, вклучувајќи ги и оние најважните за државата што се однесуваат на зафатите од буџетот, односно социјалните давачки, односно од пензиско-инвалидските фондови.

Дали ангажирањето странски работници дополнително ќе го оптовари нашиот финансиски и здравствен систем и колку би биле реалните ефекти за националната економија

Главното прашање за кое недостига одговор е дали ангажирањето странски работници дополнително ќе го оптовари нашиот финансиски и здравствен систем и колку би биле реалните ефекти за националната економија. Притоа не е сосема јасно како приливот на странски работници би се одразил на сегашните работни односи, во смисла на одредување на висината на платата и дали тоа дополнително ќе го поттикне иселеничкиот бран кај македонските граѓани? Или, пак, истото тоа ќе поттикне мигрирање на работниците во технолошките зони каде што странските инвеститори имаат одлични бенефиции од државата и можат да си дозволат повисоки плати за вработените и полесно да го амортизираат ударот од дефицитот на работна сила на пазарот на трудот.
Од агенциите за посредување при вработување беа изнесени податоци за трошоците за ангажирање еден странски работник, кои, според грубите пресметки, би изнесувале околу две илјади евра само за да допатува до Македонија, со сите придружни трошоци околу лекарски прегледи, осигурувања, дозволи… На тоа се надоврзуваат и трошоците за сместување и интегрирање во македонскиот здравствен и социјален систем. Кој ќе ги покрива овие трошоци и дали во тоа би партиципирала и државата, преку буџетските средства и фондови? Засега на овие прашања нема прецизен одговор од надлежните, а според тоа не може да се направи ниту некоја приближна процена што би значело нивното ангажирање овде, особено ако се земе предвид дека, според некои најави, придонесите за нив би ги плаќала државата. Овие пресметки и калкулации се неопходни доколку сакаме да добиеме прецизна слика за евентуалните реални ефекти за националната економија. И второ, да се добие прецизна информација за расходите од ангажирањето на странските работници, во тековното работење, кои би биле на товар на нашите здравствени и пензиски фондови. Во ситуацијата какви што се фондовите, тоа би бил дополнителен силен негативен удар за нив.
Во недостиг од официјални одговори на овие прашања засега можеме да се повикуваме само на протоколарните изјави во врска со можноста да се ангажираат странски работници во домашни компании.

Битиќи: Владата не е овде и никогаш не била да носи некого на грб, ниту да го движи развојот на една земја

– На тие што сакаат да работат во Македонија вратите им се отворени. Бизнисмените веќе најмуваат работна сила од странство. Властите треба да нудат можност преку елиминирање на бирократските процедури, за што повеќе странци да работат во Македонија. Тие што сметаат дека нашата држава дава подобри услови за живот од нивната држава, секако ќе го најдат патот да дојдат во нашата држава, како што нашите сограѓани што веруваат дека поквалитетен живот може да се најде во странство. Нема ниту една влада што го регулира тоа. Владата не е овде и никогаш не била да носи некого на грб, ниту да го движи развојот на една земја – изјави на оваа тема вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи.
Според ваквата изјава, економистите анализираат постоење недоумици кај надлежните: едниот аспект е поаѓањето од демократското човеково право за работа на индивидуата што не е доведено во прашање, но вториот аспект е дека Владата сѐ уште не е начисто (со анализите и пресметките) колку една ваква организирана мерка ќе придонесе за одржлив раст и развој (или ќе биде дополнителен товар) на македонската економија и за пополнување (или празнење) на државните социјални фондови.
Тоа што е извесно е дека Владата во наредниот период ќе предложи зголемување на квотата на странски работници на десет илјади лица годишно, колку што изнесува и неофицијалниот „недостиг“ од работници во овој момент. Засега, извршната власт се обидува сѐ уште вербално да еквилибрира меѓу можностите, потребите и последиците од ова размислување, кое е искажано како став во јавноста. Во наредниот период се очекуваат пресметки со кои аргументирано ќе бидат образложени позитивните и негативните страни од идејата за „увоз на работна сила“.