Фото: Игор Бансколиев

Инфлацијата и цената на енергенсите се најсериозни ризици за работењето на компаниите во 2023 година. Деведесет и четири проценти од компаниите сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економска криза, а 53 отсто сметаат дека инфлацијата расте, покажува анкетата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

Со анкетата, како што посочи на денешната прес-конференција во Скопје претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Стопанската комората, Виктор Мизо, опфатени се компаниите од сите региони, освен од североисточниот регион.

Во однос на трошоците за електрична енергија и енергенси, од 300 до 500 проценти (од три до пет пати) се зголемени трошоците за електрична енергија кај 40 проценти од анкетираните компании.

Од 100 до 300 проценти зголемени трошоци за електрична енергија кај 30 отсто од компаниите и до 100 проценти се зголемени трошоци за електрична енергија кај 30 проценти од анкетираните компании.

Дваесет и пет проценти од компаниите опфатени со анкетата, не се задоволни од инфраструктурата во местото каде ја вршат дејноста, 30 проценти се задоволни, а 45 проценти дале неутрален одговор.

-Има влошување на незадоволството во однос на лани, кога изнесуваше 10 проценти. Шеесет и пет проценти рекле дека се уште имаат потреба од решавање на инфраструктурни проблеми, како канализација, пристапен пат и приклучок на вода. Дополнителни барања за услуги 55 проценти од компаниите би сакале дополнителни инфраструктурни услуги, рече Мизо.

Исто така, како што додава, 79 проценти од компаниите се незадоволни или делумно задоволни од состојбата со работната сила.

– Компаниите имаат проблем со одлив на кадар, најчесто во странство – 63 проценти, во други компании во земјата – 10 проценти, а за останатите флуктацијата е во разумни рамки – додава Мизо.

Како што наведува, сите анкетирани компании ги имаат зголемено платите во 2022 година, при што зголемувањето во најголем дел се движи од 10 до 20 проценти.

-Причини за зголемување на платите се инфлацијата и зголемени трошоци за живот, конкуренцијата и намалена понуда на работна сила на пазарот на труд, и поради зголемувањето на ефикасноста на работникот и мотивацијата, појаснува Мизо.

Исто така, 84 проценти од компаниите имаат или понекогаш имаат проблем со наоѓање на работна сила. Најтешко доаѓаат до техничари и инженерски кадар, а најлесно до административен кадар.

Топ пет прашања на кои државата треба да се фокусира во 2023 година е на подобрување на инфраструктурата и навремено исполнување на договорни или законски обврски, усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за државна помош и сметководствени правила според меѓународните стандарди.

Исто така, според анкетата, државата треба да се фокусира и на намалување на оперативните трошоци на ТИРЗ, усогласување на царинските увозни стапки со оние во ЕУ, како и олеснување на правилата и постапката за престој и работа на странските државјани.

Во анкетата се наведува и дека 94 проценти од анкетираните компании се корисници на државна помош, а 55 проценти од нив во изминатите три години реализирале инвестиција со нов пакет, односно склучиле нов договор за државна помош. Дванаесет проценти од компаниите имале инвестиција во последните три години, но не побарале нов пакет за државна помош.

Анкетата е спроведена од 20 ноември до 10 декември годинава. Со анонимната анкета биле опфатени компании од сите региони освен од североисточниот регион, 92 проценти се во сериско производство, една во предпроизводство, а една е инвестиција во тек.

Мнозинството се од автомобилска индустрија, како и за медицинска помагала и за различен тип на индустриски компоненти.

Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство ги застапува интересите на извозните компании со технолошко напредно производство со целосен странски капитал.