Фото: З.А.

По пауза од две години, кога поради коронавирусот беше забрането масовно собирање на населението, викендов во Кичево повторно започнаа подготовките на децата од овој град кои ќе земат учество на Бадниковата поворка, што ќе се случи на ден пред големиот христијански празник Божиќ. Подготовките во црковната трпезарија од храмот „Свети Петар и Павле“ ги врши Бошко Сарафилоски, верник и поддржувач на овие поворки. Тој наведе дека се очекува бројот на деца драстично да се зголеми во последните денови од овие подготовките, иако првично се собрале околу шеесетина.

– Викендов ги започнавме подготовките за Бадникова поворка која ќе се одржи на 6 јануари идната година, ден пред големиот христијански празник Божиќ. На овие часови дечињата го учат тропарот „Вечниот Бог“ и се очекува до денот Бадник тие одлично да ја совладаат оваа материја. Подготовките ги изведуваме во црковната трпезарија од храмот „Свети Петар и Павле“, а како и претходните години и годинава на почеток од подготовките одзивот на дечињата не е така голем, но како што ќе се ближи денот на Бадниковата поворка, нивниот број ќе се зголемува и очекуваме, како и пред две години, да се соберат околу 500 дечиња од градот – истакна Сарафилоски.

Тој посочи дека маршутата на движење на Бадниковата поворка ќе биде како и претходните години од црковниот храм „Свети Петар и Павле“, преку улиците „Маршал Тито“, „Борис Кидрич“, „Рудничка“ и булевар „Ослободување“, поворката својот пат ќе го заврши на градскиот плоштад, каде ќе се соберат децата-учесници во поворката. З.А.

Фото: З.А.