Туристичката сезона за Охрид ја поминуваме добро и е над очекувањата. Пополнетоста на хотелските капацитети во август е меѓу 80 и 90 отсто. Така ќе продолжи и во текот на септември, кога се најавени повеќе групни посети на туристи од странство. Но сега ги увидовме многуте недостатоци, кои не беа толку видливи во минатите години, кога имаше помала посетеност. Треба да видиме каде сме во регионални рамки со туристичката понуда и зошто забележително заостануваме?. Ако пред неколку години бевме многу подобри од една Албанија, сега треба да се соочиме со нејзиниот видлив напредок во развојот на туризмот. Идниот туристички развој на охридскиот регион мора да го развиваме на повеќе нивоа, велат од ХОТАМ
Како земјите што беа зад нас во областа на туризмот годинава нѐ претекнаа
Македонските хотелски капацитети на охридското крајбрежје бележат добра посетеност од гости за време на летната сезона. Исполнетоста на капацитетите е до деведесет отсто, а бројот на резервации до октомври годинава ветува добра и успешна финансиска година за хотелските компании. Добра посетеност во текот на јули и август има и во приватното сместување, кое во деновите околу илинденските празници беше целосно пополнето, претежно од домашни гости. Ваквиот летен туристички биланс е во насока на остварување на целите од стратегискиот план на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2023 година и е насочен кон постигнување на резултатите од 2019 година, надминување на прагот од 3,3 милиони ноќевања, но туристичката гранка бара флексибилност, унапредување „во од, во движење“, излегување во пресрет на новонастанатите услови и барања на туристите…
Сега очекувањата се повеќе од 530 милиони долари промет од туристичката индустрија да се влеат во македонската економија.
Промена на структурата на странските гости
Најпосетени туристички дестинации во Македонија се Скопје и Охрид. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот посочуваат на промената на структурата на странските гости. Во земјава е намален бројот на туристи од Косово и од Албанија, кои се во „потрага“ на нови туристички дестинации. Но очекувањата на туристичките работници се дека намалувањето на гостите од овие земји нема да биде поголемо од десет отсто. Забележителен пад има кај бугарските туристи, поради општата политичка состојба и односи меѓу Македонија и Бугарија. Недостигот од ноќевања за бугарските гости е меѓу 70 и 100 илјади ноќевања. Но расте бројот на посетители од Хрватска, Србија, Романија, Турција и Словенија, Холандија, Полска и од Велика Британија.
– Туристичката сезона за Охрид ја поминуваме добро и е над очекувањата. Пополнетоста на хотелските капацитети во август е меѓу 80 и 90 отсто. Така ќе продолжи и во текот на септември, кога се најавени повеќе групни посети на туристи од странство. Вкупната оцена е позитивна. Но сега ги увидовме многуте недостатоци што не беа толку видливи во минатите години, кога имаше помала посетеност. По завршувањето на сезоната ќе треба да седнеме сите субјекти од туристичката дејност, да видиме каде сме и да направиме една стратегија за подолгорочен развој на туризмот во Охрид и во земјава.
Треба да видиме каде сме во регионални рамки со туристичката понуда. Ако пред неколку години бевме многу подобри од една Албанија, сега треба да се соочиме со нејзиниот видлив напредок во развојот на туризмот – велат од ХОТАМ.
Апели од туристичките работници за она што мора да се заврши
Идниот туристички развој на Охридскиот Регион мора да го развиваме на повеќе нивоа, од подобрување на понудата на хотелското сместување до подобрување на сообраќајната инфраструктура, подобро функционирање на колекторскиот систем во текот на туристичката сезона, ефикасни комунални служби. Конечно треба да се заврши и со изградбата на автопатот до Охрид, а зошто да не и железничко поврзување на нашиот туристички бисер. Пред сѐ да се донесе и детален урбанистички план за целиот брег од 65 километри -ни изјави Крсте Блажевски, претседател на асоцијацијата на хотелиери ХОТАМ.
Поголема побарувачка годинава имало и во индивидуалните сместувачки капацитети, за кои имаше и повисоки цени во однос на минатата година. Изнајмувањето студио со опремена кујна и спална соба годинава чинеше од 1.800 до 2.000 денари, што за повеќето домашни туристи беше недостижно, а некои се одлучуваа да летуваат на поевтините туристички дестинации во Албанија и во Грција. За една вечер во хотелска соба годинава треба да се издвојат најмалку 40 евра по човек. Високите трошоци за сместување се одразија и на намалувањето на бројот на ноќевање кај домашните туристи, кај кои во периодот јануари – јуни 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, има намалување за 1,2 отсто, додека кај странските има зголемување за 32.9 отсто.
– Цените во приватното сместување се високи ако се има предвид нашиот стандард. Сместувањето во Охрид чини исто како и на море. Одлучивме да поминеме неколку дена за празникот Илинден. Порано во овој период остануваме на Охридско Езеро и по десетина дена. Цените се високи и во угостителските објекти, а дополнителни трошоци имавме и за паркирање или за лежалки на некои од охридските плажи. Исто беше и со цените на зелените пазари – ни изјави наш сограѓанин.
Официјални податоци според Државниот завод за статистика
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), бројот на туристите во јуни 2023 година изнесува 110.319, од кои 23,5 отсто се домашни туристи, а 76,5 отсто се странски туристи. Бројот на ноќевањата во јуни 2023 година изнесува 225.092, од кои 30,6 отсто се од домашните туристи, а 69,4 отсто од странските туристи. Во периодот јануари – јуни 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 30,1 отсто. Кај домашните туристи има зголемување за 2,8 отсто, а кај странските има зголемување за 46,8 отсто.
Според Агенцијата за туризам, Македонија е исправена пред низа предизвици, како промоција на руралните места и на винскиот туризам. Дополнителен импулс за развојот на македонскиот туризам е одлуката на кинеската влада да ја вклучи Македонија во групата земји во кои можат да патуваат организирани туристички групи од Кина. Се очекуваат повеќе од 40 илјади ноќевања, кои дополнително ќе ја зајакнат македонската економија.
Стратегиско планирање за развој на туризмот опфаќа повеќе сегменти што се стремат кон реализација на визијата и мисијата за 2024 и 2025 година, а тоа е туристички раст од 3,7 милиони ноќевања, 600 милиони долари од туризмот или повеќе од четири отсто во БДП. М.Ј.