За трите категории потрошувачи кои согласно одлуката на Владата од 1 декември ќе бидат снабдувани со субвенционирана електрична енергија од ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ делумно ќе произведеме електрична енергија и ќе го зголемиме сопственото производство, но делумно и ќе треба да се направат набавки во декември, порача денеска генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Како што истакна, во моментов се прават пресметките заедно со ЕВН Електродистрибуција за потребната количина на електрична енергија на 518-те нови субјекти што од 1 декември ќе се снабдуваат со електрична енергија по повластена цена.
– Точните пресметки ќе ги имаме пред 1 декември кога ќе почне испораката на електрична енергија. Имаме план за производство и план за набавки, особено за периодот октомври, ноември и декември. Предвидени се набавки на електрична енергија и во ноември, но и во декември со цел 100-процентно да се покрие испораката на електрична енергија кон домаќинствата и малите потрошувачи, односно да имаме сигурна и стабилна испорака и да нема рестрикции – рече Ковачевски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Прецизира дека од планираните 72 илјади мегават часови електрична енергија во ноември се набавени 82.150 во вкупен износ од 19,6 милиони евра.
Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека при креирањето на мерките и носењето на одлуки за субвенционирано снабдување со електрична енергија се зема предвид просечната потрошувачка од претходните години.
-И во делот на производителите на прехранбени производи и во делот на водостопанските компании и за основните и средните училишта имаме такви податоци. Не се пријавени сите основни и средни училишта ниту сите јавни комунални претпријатија што значи дека државата со одлука треба да ги преземе надлежностите на општините. До вчера во ЕСМ и во Министерството за економија се јавуваа одредени општини за да ги стават административните згради и други капацитети за да им ги покрие трошоците за струја централната власт преку „ЕСМ продажба“ – рече Бектеши.
Ги повика градоначалниците да ги следат сите можности што им се нудат од Владата, навремено да се пријавуваат за да не се случи од 1 јануари да имаат повисоки цени за нивните услуги што им ги нудат на граѓаните.
-Град Скопје бара покрај „Водовод и канализација“ со државни субвенции да се покрие и ЈСП Скопје – посочи Бектеши.
Согласно одлуката на Владата од 1 декември компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.