Доаѓа пекол за следните генерации

Земјите во развој и земјите со забрзана економија (Кина и др.), кои имаат над 80 отсто од вкупното население во светот, земаат сѐ поголем замав во индустрискиот развој. Тоа повлекува сѐ поголема потреба од енергија, а последиците ќе бидат повисоки емисии на стакленички гасови. Дали некој има право да го запре нивниот индустриски развој како што претходно имаа развиените земји (ЕУ и САД) во 19 и 20 век? Во овој поглед, принципот на еднаквост не постои. Меѓутоа, неразвиените земји не мора да го одат истиот пат на индустриски развој користејќи технологии со фосилни горива, туку веднаш треба да користат обновливи извори на енергија. Но за тоа се потребни пари и знаење, а богатите земји се должни да го овозможат тоа. За спроведување таков вид процес, потребен е и временски период од повеќе години

Комплексноста на проблемот со климатските промени е оптоварена со политика. Познато е дека САД не го ратификуваа Протоколот од Кјото (веќе истечен во 2012 година) со изговор дека ќе им пречи на нивната економија. Во времето на претседателот Доналд Трамп, САД имаа привремено повлекување од Парискиот климатски договор. На оваа променлива позиција треба да се додадат и следниве факти: САД се најголемиот производител на нафта и гас во светот, а емисиите на ЦO2 по жител се убедливо највисоки во САД, што може да се види во следнава табела: Додека го подготвував овој материјал, сериозно загрижувачки вести пристигнуваа од Пакистан: катастрофална поплава, земја со 220 милиони жители, една третина од територијата е под вода. А дали знаете колкаво е учеството на Пакистан во глобалното загревање? Емисиите на ЦO2 се 0,81 тони/жител.

Споредете со вредностите прикажани во горната табела. Сиромашните земји се најчесто погодени со катастрофи предизвикани од климатските промени, а нивното учество во емисиите на стакленички гасови е многу мало.
Многу штети од катастрофални поплави, урагани, шумски пожари итн. се вреднуваат во УСД (или евра). Сепак, не може сите штети од климатските промени да се проценат или изразат во пари. На пример, колкава е цената на човечките животи изгубени во овие катастрофи? Истото прашање се однесува и на трајното исчезнување на разни видови животни и растенија итн.?
Минатата година (2021) започна енергетска криза, која по почетокот на војната во Украина се зголемува до непредвидливи размери. Сите земји преземаат некакви мерки да се совлада или ублажи кризата. Меѓу другото, скоро сите преземаат мерки за штедење на енергијата, значи намалување на потрошувачката, а со тоа би требало да се намалат емисиите на ЦO2. Од друга страна, иако минативе години беа затворени извесен број термоцентрали на јаглен, сега се прават напори за реактивирање на истите тие. А за оние што беа планирани да се затворат во следниве години, тоа нема да се случи, а со тоа би се зголемиле емисиите на ЦO2. Во оваа енергетска криза многу поважно за владите на земјите е како да обезбедат снабдување со енергија, а борбата со климатските промени е ставена во втор план. Во денешниов свет на воспоставено општествено, политичко и економско уредување (капитализам) економијата е поважна од сѐ друго.
Сè додека профитот има приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.
Потребна ни е радикална трансформација на процесите и однесувањето на сите нивоа во општеството: поединци, заедници, компании, институции и влади. Треба да го редефинираме нашиот начин на живот, односот кон животната средина, намалување на потрошувачката на енергија итн.
Бидејќи ЦO2 е многу стабилен гас, тој ќе трае во атмосферата уште многу стотини и илјади години, а тоа значи дека доаѓа пекол за следните генерации, а јавноста за ова не е доволно информирана. Зошто?

Д-р Ристо Цицонков

(Авторот е редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје)