Фото: Архива

Предлог-буџетот за 2024 година е нереален и не одговара на моменталната криза, оценува професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии. Во изјава за МИА, Јовановиќ вели дека макроекономските и приходните проекции се преоптимистички.

– Се проектира раст на БДП од 3,4 проценти, што е многу повисоко од сите меѓународни институции. Нашиот Институт, на пример, прогнозира раст од 2 проценти, а Светска Банка од 2,5 проценти. Инфлацијата, пак, се проектира на 3,6 проценти, што е прениско – нашиот Институт проектира 5 проценти инфлација, а Народна Банка 4 проценти. Дури и да се прифатат овие макроекономски проекции, проекциите за буџетските приходи се превисоки. При номинален раст на БДП од 7 проценти (3,4 проценти + 3,6 проценти), се проектира раст на приходите од 10 проценти, што не гледам како може да се случи, кога нема планирано никаква даночна реформа – појаснува Јовановиќ за МИА.

Предвидениот раст од пет проценти кај социјалните трансфери, според Јовановиќ, е недоволен во услови на моменталната криза.

– Инфлацијата оваа година ќе биде околу 10 проценти, лани беше 14 проценти, десетици илјади луѓе западнаа во сиромаштија поради овие поскапувања, а социјалните трансфери се зголемуваат за само 5 проценти. Нема детали за да се види колку ќе се зголемат платите, колку пензиите, колку социјалната помош, ама пет проценти е апсолутно премалку и недоволно за да се спречи сиромаштијата да продолжи да расте – истакнува Јовановиќ.

Нереално проектирани се и капиталните расходи, кои во Предлог-буџетот се на ниво од 730 милиони евра.

– Капиталните расходи се проектирани на 730 милиони евра, што е малку пониско од ланските 800 милиони, ама е сепак крајно нереално. Македонија не успева да реализира 730 милиони јавни инвестиции во две години, а не пак во една – посочува Јовановиќ.

Владата вчера го презентираше Предлог-буџетот за 2024 година кој тежи 5,5 милијарди евра, окарактеризаирајќи го како развоен и одржлив. Расходната страна е проектирана на 343,6 милјарди денари или за 5,8 проценти е повисока во однос на 2023 година, а приходите на 310,1 милјарда денари и се повисоки за 10 проценти. Буџетскиот дефицит е за околу 9,2 милјарди денари понизок во однос на 2023 година што, според Владата, ќе значи помало задолжување за 150 милиони евра. Економскиот раст е проектиран на 3,4 проценти од БДП, а инфлацијата на 3,6 проценти.