Фото: Принтскрин

Новиот закон за енергетика кој го помина првото читање во Собранието е документ што ќе го обликува енергетскиот сектор на Македонија во следните децении, порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

-Не добивме забелешки за новиот закон за енергетика, но ќе има многу придобивки од законот кој требаше да биде донесен кон крајот на 2023 година. Напорно работевме и го направивме овој закон кој има 317 члена. Со него ќе се формираат енергетски заедници преку кои граѓаните ќе можат да ставаат соларни панели и да се грижат за своите сметки за струја – изјави Божиновска по денешната средба со новинарите во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Нагласи дека со ова законско решение првпат ќе се воведе методологија за да се утврди колкав е реалниот број на енергетската сиромаштија во земјава. Воедно, како што кажа, со новото законско решение МЕПСО ќе премине во сопственост на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и за првпат ќе се формализира постоењето на батерии за складирање на електрична енергија произведена од обновливи извори на енергија. Ќе има и одредба за е-мобилност, односно за полнење на електричните автомобили по разумна цена.

-Веќе почнавме да работиме на методологијата за утврдување на енергетската сиромаштија заедно со Министерството за социјална политика и со неа ќе можеме да ја знаеме точната бројка. Неофицијално во земјава има околу 50.000 броила кои се сметаат за енергетска сиромаштија, но сакаме да имаме точна бројка. Формирана е работна група и систематски работиме на детектирање на сите што се засегнати од енергетската сиромаштија и сме при крај. Ќе има неколку модели кои се уште не сме ги финализирале, но државата секако ќе им помогне – рече Божиновска.

Во одговор на прашање рече дека според неофицијални извори голем дел од енергетската сиромаштија влегува во четвртиот блок за потрошувачка на електрична енергија, особено во Битола.

-Сето ова ќе го провериме и ќе имаме точни и прецизни бројки – посочи Божиновска.

Со законските измени, додаде, во рок од седум години ЕВН ќе треба да ги смени постојните броила со смарт броила за да се спречи задоцнетото читање на сметките за што одлука ќе донесе Владата по донесувањето на законот.

-Владата ќе направи се што е во интерес на граѓаните. Се уште не сме дискутирале како ќе биде тоа, но ќе направиме се за граѓаните да немаат никакви трошоци – појасни Божиновска.

Нагласи дека наследиле многу лоша ситуација во енергетиката и додаде дека во 2017 година производната цена на АД ЕСМ беше 37 евра за мегават час електрична енергија, а лани во јуни беше 135 евра.

-Тоа е енормно зголемување. Менаџментот на АД ЕСМ работи на намалување на производната цена. Ништо не може да направиме преку ноќ, бидејќи не е нешто за што има краткорочно решение. Имаме подобрување во хидрологијата со оптимизација и паметно работење на службите во ЕСМ и сега е над 34 проценти. Ќе следат и ремонти, бидејќи не беа завршени на време. Три месеци е многу краток период за да видиме некои резултати, но до крајот на годинава очекувам дека ќе се направи консолидација на ЕСМ. Се надевам дека државата ќе направи се за граѓаните да немаат никакви ценовни шокови на следниот тендер, кој ќе биде на почетокот на втората половина од годинава – потенцира Божиновска.