Економистите и стопанството во целост се согласни дека т.н. данок на солидарност ќе ги демотивира субјектите за нови инвестиции, затоа што повисок данок ќе мора да плаќаат субјектите што ги реинвестираа своите добивки во претходните три години, а тоа навистина претставува лоша порака за идните инвеститори
Законот за солидарен данок како повод
Законот за солидарен данок предвидува компаниите што оствариле промет над 615 милиони денари (10 милиони евра), а добивката била зголемена за 20 отсто во однос на просекот од последните три години, да платат еднократен данок од 30 отсто и е поврзан со последиците на кризните 2020 и 2022 година, кога Владата мораше од државниот буџет да издвои пари за справување со кризите. Она што е важно е дека 30 отсто данок ќе се плаќа на разликата во добивката во однос на претходните три години.
Со тоа оданочување, Владата очекува во државната каса да се слеат 76,4 милиони евра, кои ќе бидат потрошени за справување со кризата.
Двојно се оданочуваат компаниите што најмногу ја полнат државната каса?!
Најголемите бизнис-здруженија се согласни дека данокот на солидарност ќе ги демотивира субјектите за нови инвестиции, затоа што повисок данок ќе мора да плаќаат субјектите што ги реинвестираа своите добивки во претходните три години, а тоа навистина претставува лоша порака за идните инвеститори. Тие изразија револт, со образложение дека двојно се оданочуваат компаниите што најмногу ја полнат државната каса, и оценија дека со носењето на овој закон, Владата испраќа порака дека плаќачите на данок треба двојно да плаќаат за сметка на неплаќачите на данок, кои сега се особено стимулирани.
Стопанската комора на С. Македонија најави и иницијатива пред Уставниот суд.
– Пред поведувањето на иницијативата, во согласност со членот 75, став 2 од Уставот, ќе побараме од претседателот на државата да не го потпишува указот за прогласување на законот за данок на солидарност, зашто тој е очигледно во спротивност со членот 52 од Уставот, но без очекување дека барањето на бизнис-секторот ќе биде прифатено – вели Бранко Азески, претседател на Комората.
Според него, ова е селективен пристап затоа што се опфатени само поголемите компании, бидејќи приходот треба да е поголем од 615 милиони денари и направена е дистинкција помеѓу компаниите. Со ова ќе се дестимулираат успешните компании, кои се инвестициски ориентиран, ќе се доведат во ситуација оние што инвестирале во претходната година и остварувале помала добивка да не бидат поттикнати и понатаму да инвестираат бидејќи инвестицијата ќе им отиде во ставката солидарен данок.
– Најмогу од сѐ станува збор за нееднаков третман на сите компании, затоа што во директивата на Европската Унија се наведува дека станува збор за препорака, а не директива што мора да се исполни. Наедно, оваа постапка што е на база на основните принципи и вредности на пазарната економија „чепка“ директно во работите на бизнисот и да уредува, бидејќи тоа е наша работа и тоа е основна алатка за да можеме да оствариме профит. Многу закони и одлуки се носат без наша согласност и покрај нашите укажувања. Владата мора да има слух за бизнисот, сепак приватниот сектор е тој што го полни буџетот. Ние имаме дијалог со Владата, но очигледно се различни перцепциите на приоритетите. Наш приоритет е владеењето на правото и пазарната економија, а Владата и политичките елити ги гледаат партиските интереси – објаснува Азески.
Тој укажува дека со законот за солидарен данок се обесхрабруваат компаниите и тие може да ги преселат своите бизниси во соседството, велејќи дека компаниите ќе најдат простор таму каде што има најмал данок и услови за работа и ќе ги ориентираат своите бизниси и тоа е сосема нормален процес.
ССК: Се казнуваат компаниите што најмногу плаќаат данок!
Од Сојузот на стопански комори наведоа дека се казнуваат компаниите што најмногу плаќаат данок.
– Законот, пред сѐ, се коси со начелата на бизнисот, со правата на инвеститорите и со исплатата на дивиденда. Трошоците за данокот на „солидарност“ излегуваат надвор од деловните годишни планови, по затворањето на фискалната година, распределбата на дивидендата, отсуствуваат од годишните инвестициски и развојни стратегии. Оној што малку се разбира во деловно и финансиско работење, знае колку се погрешни овие мерки и колку погубни резултати ќе има тоа врз бизнисот. Не постои пример во светот каде што се носи закон за ретроактивен период, закон што условува, кој демотивира и дестимулира – реагираат од Сојузот.
И од Стопанската комора на Северозападна Македонија истакнаа дека со овој закон, како што оценуваат, кој се применува ретроактивно, домашните компании не само што ќе бидат казнети со големи суми и нема да може да ги реализираат планираните инвестиции туку ќе бидат дестимулирани да работат кон раст и развој на своите компании во следните години, што може дополнително да ја поттикне неформалната економија.
– Сето ова ќе претставува и голем товар за компаниите, бидејќи средствата што ги стекнале порано компаниите веќе ги имаат инвестирано, што значи дека овој закон ќе ги стави во лоша положба во следните години компаниите опфатени со законот, додавајќи дека спроведувањето на ваквите одлуки и закони не се прави без релевантна и детална анализа на пазарот, бидејќи последиците ќе бидат многу големи – велат од СКСЗМ.
Со истиот став излезе и институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“, кој уште во јуни годинава наведе две причини што со примената на законот можат да направат општествена штета.
– Законот ќе има ретроактивно дејство, што надвор од правниот момент не е добра практика и оневозможува предвидливост и можност за соодветно планирање – наведуваат од институтот.
Различен приод на ЕУ во смисла на воведувањето на солидарниот данок!
Поранешната вицегувернерката на Народната банка на Македонија, Маја Кадиевска Војновиќ, истакна дека ваков еднократен данок во текот на 2022 година вовеле неколку европски држави, но повеќето од нив го оданочиле само енергетскиот сектор, т.е. фирмите производители и трговци што заработиле екстра од покачувањето на цените на енергентите (гасот, електричната енергија, нафтата). Многу мал број држави ги опфатиле и фирмите од малопродажбата или од другите сектори во економијата.
– Впрочем, ова значи неочекуван данок што го наплаќаат владите од одредени индустрии, кога економските услови (во случајот конјунктурата на пазарот на енергенти) дозволуваат тие индустрии да се стекнат со значителен натпросечен профит (неочекуван профит). Таква индустрија или сектор беше енергетскиот за време на 2022 година. Но на домашната листа на околу 160 фирми што ќе бидат опфатени со овој данок, не знаеме колку фирми се од енергетскиот сектор. Владата треба да каже колку фирми производители или трговци на струја заработија екстра од енергетската криза – појаснува Кадиевска Војновиќ.