Фото: Влада

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) е во постапка за одземање на лиценците на Балкан енерџи груп (БЕГ) за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, информира денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

– Тоа значи дека во моментот кога ќе ги одземеме лиценците ќе ја информираме Владата и согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер на кој ќе треба да се најдат нови вршители на енергетската дејност. За одземањето на лиценците нема да има реперкусии и ниту граѓаните, ниту, пак, индустријата нема да плаќаат ниту еден денар, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција заедно со професорот Рубин Талески од ФЕИТ на која беше презентиран калкулаторот за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач со електрична енергија што од денеска е достапен на веб-страницата на РКЕ преку кој граѓаните може да направат споредби за сметките меѓу постојниот и новиот предлог тарифен систем со блок тарифи за високата тарифа на потрошена струја.

Најави дека сите постапки ќе бидат завршени на време, а до нивното завршување, како што кажа, постојниот вршител на енергетската дејност е должен да ја врши дејноста.

– Мое мислење и препорака до Владата е конечно во овој сектор да се укинат трите дејности производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, како што е насекаде во регионот. Треба да има една лиценца за топлинска енергија како во поголемите градови во соседството. Сметам дека Владата или други јавни претпријатија треба да го преземат вршењето на оваа дејност – рече Бислимоски.

Прецизира дека Согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер за вршење на соодветна регулирана енергетска дејност. Откога ќе се распише тнедерот ќе се избере нов вршител на енергетска дејност и тој ќе продолжи да ја врши дејноста како што ја вршел претходниот.

– До наименувањето на новиот вршител на енергетска дејност, постојните компании на БЕГ се обврзани да ја вршат дејноста. Сигурен сум дека се ќе заврши пред почетокот на грејната сезона. Не можам да кажам колку ќе трае тендерот, но верувам дека од октомври БЕГ нема повеќе да ги грее скопјани – потенцира Бислимоски.


РКЕ во текот на наредната недела ќе ги донесе измените на тарифниот систем за универзалниот снабдувач

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во текот на наредната недела ќе одржи уште една јавна дебата за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач по што ќе ги дефинира рамките на опсегот на четирите блок тарифи за високата дневна тарифа на електричната енергија и ќе се донесат измените на тарифниот систем, најави денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

– Остануваме отворени за сите забелешки и сугестии кои може единствено да одат само во насока на зголемување на опсегот на блоковите, а не на намалување. Во текот на наредната недела ќе се одржи уште една јавна дебата по што ќе се донесе одлуката за промена на тарифниот систем, а потоа и одлуката за новата цена на електричната енергија што ќе важи од 1 јули – рече Бислимоски.